Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачкиот СДСМ ја продолжија низата на меѓусебни обвинувања за тоа кој е одговорен за отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека води политики на бугаризација кои предизвикуваат трајн штета на државата.
„Ако СДС се против фашистичкиот клуб „Цар Борис“, зошто им смета законското регулирање, нека го поддржат предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ. Законското решение на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи и регулирање на постоечките клубови со цел промена на фашистичките имиња. Ако СДС е против клубовите со фашистички имиња, тогаш нека го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. СДС всушност и дозволи да се отворат клубовите и не направи ништо тоа да се спречи“
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак возвратија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да одговори во какави релации е со претседателот на бугарскиот клуб, по објавените заеднички фотографии.
„Граѓаните очекуваат одговори од Мицкоски, да ја објасни својата поврзаност со претседателот на контроверзниот бугарски клуб во Охрид „Цар Борис Трети“. Лицемерниот Мицкоски да не бега туку да ги објасни сликите и да каже во какви релации е со претседателот на бугарскиот клуб. Дали ги поврзува само членството во ВМРО-ДПМНЕ или има и нешто друго? ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е иделошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов и Тодор Александров“
велат од СДСМ.