Владејачкото мнозинство, пак, ја обвинува опозицијата дека продолжува со деструктивно дејствување во Собранието, на штета на граѓаните и државата
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и пратеникот на СДСМ, Миле Талески, кој е претседател на Комисијата за одбрана, обвинија и денеска дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со деструктивно дејствување во Собранието, на штета на граѓаните и државата, а откако опозициската партија го блокираше со 2 000 амандмани законот за служба во Армијата. Талевски најави дека парламентарното мнозинство ќе ги искористи сите можности за деблокада на законот, а Шекеринска ги повика опозициските пратеници да ги повлечат амандманите. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, нудат две опции – или владејачкото мнозинство да ги прифати поднесените амандмани или да го повлече владиниот закон и да го прифати законот што го предлага опозицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ е против олеснување на условите за пензионирање, против отпремнини за припадниците на Армијата. ВМРО-ДПМНЕ се противи војниците, луѓето кои се на браникот на татковината, кои се спремни да го дадат својот живот, кои цела пандемија се во првите редови во борбата против коронавирусот, да имаат право на избор, се противи војниците да имаат можност да добијат и 20 000 евра отпремнина по навршување 45 години возраст, се противи и на дополнителните поволности при пензионирање.ВМРО-ДПМНЕ се противи на можноста за стипендирање на дефицитарните кадри во Армијата и натамошно јакнење на капацитетите на Армијата“,
изјави денеска Талевски.
Тој рече дека парламентарното мнозинство ќе ги преземе сите механизми за да бидат донесени измените на Законот за служба во Армијата.
Шекеринска, пак, изјави дека на потег се Собранието и пратеничките групи, вклучително и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – да покаже дека ја цени Армијата и да ги повлече амандманите.
„Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ на законот за служба во Армијата не е со цел да направат подобар закон. Имаа 11 години како власт да ги решат овие проблеми и не ги решија, имаа три години во опозиција да дадат вакви предлози, не ги дадоа. Блокадата е резултат исклучиво на нивниот впечаток дека ако запрат се, само тогаш можат да печалат политички поени. Жал ми е што овој пат решија да печалат политички поени на грбот на припадниците на Армијата“,
нагласи Шекеринска на прес-конференцијата со нејзиниот чешки колега Лубомир Метнар.
Но, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски смета дека предлог-законот за служба во Армијата не е добро законско решение бидејќи не е во интерес на војниците и на персоналот на Армијата.
„Ја повикуваме министерката Шекеринска да не се крие зад колегите пратеници од власта и конечно да признае и да прифати дека предлог – законот за служба во Армијата не е добро законско решение бидејќи, потенцирам, не е во интерес на војниците и персоналот на Армијата на Република Македонија“,
изјави денеска Стојаноски.
Тој додаде дека нивните барања и забелешки се суштински, јасни и прецизни.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата преку амандмани бара подобрување на условите за пензионирање и давање можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Со предлогот на Шекеринска ова не е предвидено и оттука по автоматизам се губи смислата и потребата од бенефициран стаж. Другата суштинска забелешка е да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија“,
рече Стојаноски.
Според него, доколку СДСМ, Шекеринска и пратениците од владејачкото мнозинство се искрени во тоа што го говорат имаат шанса, како што рече, да го покажат тоа на дело веднаш и за тоа имаат две опции.
„Првата опција е да го прифатат нашиот предлог – закон кој впрочем е ист со предлогот од Владата надополнет со нашите суштински забелешки и втората опција е да ги прифатат нашите суштински амандмани и уште денес да се закаже седница и сите заедно да го донесеме ова законско решение“,
рече Стојаноски.
Во минатиот собраниски состав долго време беше блокиран Законот за одбрана, чии измени се носеа со цел приспособување на одбранбениот систем на стандардите на НАТО. Тогаш, блокадата беше преку неучество на опозицијата во постигнување двотретинско мнозинство за донесување на овој системски закон. Законот за одбрана, тогаш беше донесен на 16 февруари 2020 година, поточно непосредно пред распуштањето на тогашниот парламент.
