„На последната теренска анкета што ја добив, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија беше над 30 отсто, а втората партија беше со рејтинг од 6,8 отсто. Така што ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1, вели Мицкоски
Јас сум реален оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ќе биде апсолутен победник на локалните избори што треба да се одржат во првата половина од октомври годинава. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање какви се неговите проценки за претстојната трка за општинските градоначалници, но и таа за Градот Скопје, а повикувајќи се на партиските анкети на јавното мислење, спореd кои нивната предност е 4:1 во однос на второрангираната партија.

„Очекувам за повеќе од седум месеци од денеска да отпочне официјално кампањата и таму некаде првата половина на октомври да се случи првиот и вториот круг на локалните избори. Јас сум реален оптимист дека коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде таа што ќе биде апсолутен победник, врз основа на мерењата што го имаме. Сега ќе видиме на терен како ќе биде и каква е волјата на граѓаните“,
рече тој.
Посочи дека во текот на еден месец прават најмалку две, а понекогаш и три мерења на јавното мислење преку одредени атрибути што ќе ги тестираат преку одредени политики, за да видат дали се на прав пат или не. Додаде дека од месец во месец бројките покажуваат дека се сè подобри.
„Јануари беше подобар од декември, кој, пак, беше најдобар. На последната теренска анкета што ја добив, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија беше над 30 отсто, а втората партија беше со рејтинг од 6,8 отсто. Така што ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1. Очекувам тој тренд да расте до одредено ниво и потоа да се стабилизира, бидејќи ќе биде исцрпен капацитетот, односно волуменот на гласачи“,
кажа премиерот.
Што се однесува до имињата на потенцијалните кандидати за градоначалници, рече дека во тек е внатрепартиска процедура, односно дека прво ќе биде земено предвид мислењето на членството, а потоа и мислењето на граѓаните, за на крај да се направи симбиоза, по што ќе излезат со имињата на кандидатите пред органите на партијата.
Иако министерот за локална самоуправа Златко Перински ја искажа својата амбиција за градоначалник на Скопје, сепак денеска рече дека се држи до тоа дека кандидатот треба да го избере партијата.