ВМРО-ДПМНЕ бара и да се стопира или поништи набавката, додека Ацевски на прес-конференција побара опозицијата доколку е сигурна во своите тврдења, да поднесе пријава против него, но и против поранешниот директор на јавното претпријатие „Улици и патишта“ и актуелен претседател на нивната партиска Комисија за инфраструктура, Синиша Ивановски, бидејќи во 2017 година во многу поволни услови на пазарот потпишал договор со цени на останати трошоци поголеми за три до четири пати во однос на цените од договорот во 2022 година
ВМРО-ДПМНЕ денеска до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) поднесе претставка со која бара да се испита набавката на битумен во „Македонија пат“ од страна на директорот Костадин Ацевски. А, повик институциите да ја испитаат набавката денеска на прес-конференција упати и самиот Ацевски кој ги отфрли обвинувањата од опозицијата како неосновани.
Опозициската партија изминативе денови го прозива директорот бидејќи, како што велат, потпишал договор за набавка на битумен времен 10 милиони евра и прифатил само за транспорт од целата сума да се платат 4,5 милиони евра.
„Во прилог на оваа претставка го поднесовме и договорот за јавната набавка, каде што се гледа методологијата, според којашто има фиксен и променлив дел. Променлив дел е цената на битуменот, заради берзанските цени, додека фиксниот дел се однесува на транспортот, маржите и давачките, и којшто дел всушност ја определуваат најповолната понуда на тендерот за вакви набавки“,
рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во претставката, како што рече тој, од опозицијата посочуваат и да се направи споредба со документацијата за набавка на битумен од скопското јавно претпријатие „Улици и патишта“ кое за истите услуги, за транспорт, платило далеку пониска цена.
„Случајот е јасен, има еден понудувач со нереална цена, во услови на криза, за тендер во којшто речиси половина од парите одат за услуги и за транспорт. Законот за јавни набавки е дециден и членот 114, насочува дека ако нема прифатлива понуда, или ако има понуда со цени понеповолни од пазарните цени, договорниот орган, во случајот ’Македонија пат‘, може да ја поништи постапката за јавната набавка. Костадин Ацевски бил должен оваа јавна набавка да ја прекине. Но, тој ја потпишал, споредбено со приложениот пример од јавното претпријатие од Скопје, со дури 1000 отсто поголема, нереална сума за транспорт. Очекуваме ДКСК но и ЈО најитно да отворат предмет и да дадат одговор за овој случај“,
рече Стоилковски барајќи институциите да наложат и прекинување или поништување на оваа набавка.
Ацевски, пак, денеска негираше дека е сторен каков било криминал со набавката на битуменот во врска со транспортот вреден над четири милиони евра. Тој тврди дека целата постапка е спроведена согласно Законот за јавни набавки и дека секоја заинтересирана фирма можела да учествува на тендерот.
По надлежните институции ги повика да ги преземат сите потребни мерки за утврдување на евентуални прекршувања на законите, а од опозицијата побара доколку е сигурна во своите тврдења, да поднесе пријава против него, но и против поранешниот директор на јавното претпријатие „Улици и патишта“ и актуелен претседател на нивната партиска Комисија за инфраструктура, Синиша Ивановски, поради тоа што во 2017 година во многу поволни услови на пазарот потпишал договор со цени на останати трошоци поголеми за три до четири пати во однос на цените од договорот во 2022 година.

„Од овој графички приказ можете да видите дека цената на сите останати трошоци во вкупната цена во договорот од 2022 година е со најнизок процент во однос на договорите за 2015, 2016 и 2017 година кога се движи меѓу 63 и 70 проценти, иако цените на дизел горивото тогаш биле двојно пониски“,
рече Ацевски презентирајќи графици на прес-конференцијата.
Поништувањето на постапката, како што бара и ВМРО-ДПМНЕ, според директорот би довело до два и пол месеци неработа на претпријатието, загрозување на безбедноста во сообраќајот и неасфалтирање на 21 магистрален и регионален патен правец или над 70 километри патишта.