Опозициската партија повторно полемизирa со премиерот за проблемот со Бугарија, обвинувајќи го дека го крие својот став за Делчев и јазикот
Зоран Заев молчи по прашањето дали навистина сака да го направи македонскиот народ геноциден народ, работа за која во јавноста проговорија некои македонски историчари, констатира ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение, полемизирајќи повторно во врска со случувањата со Бугарија и обвинувајќи го премиерот дека ги крие своите позиции.
„Зоран Заев се крие од македонската јавност и не сака да го каже својот став за Гоце Делчев и за македонскиот јазик. Заев спрема декларација на Договорот со Бугарија, за кој тврдеше дека е финален и ги затвора сите отворени прашања и дека ја гарантирал европската иднина на државата. Сега гледаме дека Заев ги лажел граѓаните. Договорот што го потпишал ниту е финален ниту ја гарантира европската иднина на државата“,
оценуваат од опозициската партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев целиот мандат го поминал во потпишување договори, а земјата тапка во место.
„Заев нема став и не ги осудува нападите што доаѓаат кон Македонија. Заев, како премиер, ги обременува и државата и народот со работи за кои не се преговара. Заев треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува продавањето на Гоце Делчев и македонскиот јазик и дека секој негов договор за тоа нема да биде почитуван од ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде поништен со нашето доаѓање на власт“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.