„Не сакаме да веруваме дека ова е дел од едно сценарио за нарушување на меѓусебните етнички односи, но очигледно националистичките и шовинистички скандирања се последното прибежиште на оние кои во политиката гледаат можност на криминал и богатење“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштени го осуди, како што велат, говорот на омраза и непочитувањето на денешниот фудбалски натпревар во Тетово, каде навивачи на домаќинот Шкендија свиреа, скандираа и пееја за време на едноминутниот молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.

Според партијата, не само што станува збор за неетички чин, туку и тоа што беше манифестирано го нарушува единството и солидарноста која, како што наведуваат, е повеќе од потребна во овие моменти.
„Не сакаме да веруваме дека ова е дел од едно сценарио за нарушување на меѓусебните етнички односи, но очигледно националистичките и шовинистички скандирања се последното прибежиште на оние кои во политиката гледаат можност на криминал и богатење“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, додаваат од партијата, не треба да се претстави како тензија Македонците и Албанците, бидејќи, велат, изразуваат огромна почит кон Албанците за своите гестови на сочувство и почит кон своите сограѓани Македонци поради неодамнешната трагедија во Кочани.
„Од тие гестови треба да се земе пример за заедништво, соживот и меѓусебна почит и да биде светлина во моменти на трагедија и предизвици, но и кога вакви провокации како оваа денес од страна на мала контролирана група ќе се обидат да го нарушат спокојот на сите наши граѓани. Благодарност до сите етнички заедници за својот придонес и поддршка на своите сограѓани Македонци во овие тешки времиња на тага и предизвици. Со демонстрирањето на заедништво и меѓусебна почит, Македонија, докажува дека е посилна од сите оние кои сакаат да ја однесат во лош правец“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата, како што наведува на крајот од сооопштението, бараат реакција од сите општествени чинители кои, порачуваат, мораат да влеат доверба и меѓусебна почит.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во врска со настанот попладнево соопшти дека отвора дисциплинска постапка против фудбалскиот клуб Шкендија поради, како што велат, нечовечното однесување на навивачите и непочитувањето на едноминутниот молк во чест на жртвите од трагедијата во Кочани.