Владејачката партија ја поздрави брзата интервенција на полицијата и изрази очекување дека надлежните институции целосно и доследно ќе ја спроведат истрагата за случајот
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го осуди нападот што синоќа се случи во студиото на поралот „Инфомакс“, како и секој обид за загрозување на безбедноста на новинарите и медиумските работници, оценувајќи ги ваквите инциденти за закана за основните демократски вредности.

„Слободата на медиумите, правото на информирање и независната новинарска работа се темелни принципи за кои како партија отсекогаш сме се залагале. Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека ќе продолжат да бидат посветени на заштитата на слободата на изразување и создавање амбиент во кој јавната дебата може да се одвива без страв и притисок.
Владејачката партија ја поздрави брзата интервенција на полицијата и изрази очекување дека надлежните институции целосно и доследно ќе ја спроведат истрагата за случајот.
Министерството за внатрешни работи претходно денеска информира дека во врска со упадот во студиото на „Инфомакс“ е приведен 43-годишен скопјанец. Од МВР велат дека по приведувањето е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриската болница во Бардовци.
