Координаторот Никола Мицевски ја повика другата опозициска коалиција во Собранието сега да ги повлече амандманите на законите од петтиот сет антикризни мерки
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието повлече над 500 амандмани што ги поднесе за Законот за државјанство, кој го предлага опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива, која моментно е во преговори со Владата за поинакво решение за статусот на лицата што не можат да се стекнат со македонско државјанство.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ги повика Алијанса за Албанците и Алтернатива сега да ги повлечат амандманите на петтиот пакет економски мерки. Според него, на политиканствата на СДСМ, на сметка на граѓаните и на стопанството, им нема крај, така што смета дека и носењето на нов закон за државјанство ќе потрае.
„Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој се наоѓаат земјата, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство, со цел конечно да се изгласа петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и на стопанството. Дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството“,
изјави Мицевски.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека, бидејќи сега нема деловнички пречки – односно нема амандмани, Законот за државјанство може веднаш да биде ставен на комисија, а потоа и да се гласа за него на пленарна седница, со оглед на тоа што Владата достави до предлагачот негативно мислење, а официјални лица на СДСМ даваат изјави за неприфаќање на текстот на законот кој е во процедура.
Премиерот Зоран Заев и лидерите на албанската опозициска коалиција на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, најавија вчера дека до крајот на неделата очекуваат да се постигне конечниот текст на предлог-законот за државјанство поради кој албанската опозиција изминатиот период ја блокираше работата на Собранието. Сите тројца оценија дека се на добар пат за постигнување конечен договор, а ова би требало да значи и одблокирање на Собранието.