Според опозицијата, градот Скопје станува главен работодавач во државата
ЈСП „Скопје“ станува државна јагма за приватни и за партиски цели, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција пред кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегово, кого го обвинува за 175 предизборни вработувања.
Стоилковски покажа и план според кој, како што појаснува, до 31 декември годинава се предвидени 175 вработувања, наспроти 41 пензионирање во ЈСП.

„Советот на Град Скопје, поточно советниците на СДСМ, вчера изгласаа скандалозна одлука со која мрзливиот градоначалник Петре Шилегов овозможи нови 175 вработувања во ЈСП – претпријатие кое ако не се субвенциите на град Скопје ќе банкротира. Носење ваков план, и тоа во изборна година, несомнено отвора сомнеж дека списоците за овие вработувања веќе се направени. Да беа вработувани само возачи коишто се дефицитарен кадар на ова јавно сообраќајно претпријатие ќе бевме првите коишто ќе го поздравеа тоа, а вака понудениот список укажува на тоа дека ЈСП станува јагма за приватни и партиски цели“,
рече Стоилковски..
Според него, со овој обем на вработување Владата треба да се откаже од намерите за привлекување нови странски инвестиции, од две причини: затоа што нема нови инвестиции и затоа што најголем работадавач во државата станува Град Скопје.
„Во година кога 60 илјади луѓе од приватниот бизнис остануваат без работа, кога економијата и официјално е во рецесија, токму на директорот на ЈСП, поставен од неработникот Петре Шилегов, му притребало, после четири години директорување, нов оперативен директор. Или, пак, советник за примена на Законот за јазици“,
рече Стоилковски посочувајќи дека најголем проблем е што парите за нови вработувања се на скопјани.