И десет прес-конференции да одржат од СДСМ, вели опозицијата, нема да го покријат фактот дека граѓаните тонат во сиромаштија
Во СДСМ немаат допир со реалноста, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, ако сметаат дека покачувањето на цените на струјата и на парното се мали.
„Заевизмот го уништува стандардот на граѓаните. Од 1 јануари граѓаните плаќаат над 15 отсто поскапи сметки за струја, а во Скопје и поскапо парно за 14 отсто. Ако за СДСМ ова е малку, тогаш навистина се имаат одлепено од реалноста. Сè што ветуваа излажаа, сè што фатија или украдоа или исушија“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова доаѓа како реакција на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на која таа рече дека мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, е спречен ценовен шок односно придонело цената на струјата да се покачи за само 9,48 отсто што е далеку под првичните прогнози од над 25 отсто.
„Ова е резултат на неодговорноста и неспособноста на власта на СДСМ. Кузеска и СДСМ да одржат уште десет прес-конференции во кои ќе прикажуваат розови слики нема да го покријат фактот дека граѓаните тонат во сиромаштија. Криминалот и корупцијата на власта доведе до тоа да бидеме најсиромашната и најнесреќната нација во Европа. Додека Заев и екипата јадат со златни лажици за празниците, народот ќе стравува како да врзе крај со крај во месецот“,
обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.