Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на прес-конференција го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот поврзан со наводите на д-р Жан Митрев за преземање на неговата болница
ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ Венко Филипче дека со ургенции и притисоци сакал да ја преземе приватната клиника „Жан Митрев“. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција кажа дека Филипче, во периодот додека бил министер за здравство, со помош на поранешниот премиер Зоран Заев, се обидел да го одземе сопствеништвото врз болницата од кардиохирургот Жан Митрев.
„Преку институциите на Митрев му биле блокирани личната сметка и сметката на болницата, а притисокот одел дотаму што имал и забрана за продажба на истата. Во своето сведоштво Митрев вели дека откако одредени поединци од тогашната власт, тука секако се мисли на Заев и Филипче, изразиле желба да му ја одземат болницата, по само една недела Јавното Обвинителство му ја отстранило забраната. Како е ова можно се прашуваме? Исто така, др. Жан Митрев обелоденува дека сакале да му ја откупат болницата, по цена далеку пониска и од реалната и од пазарната“,
рече Стојаноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Јавното обвинителство да го истражи случајот.
„ВМРО-ДПМНЕ е згрозено од тоа до каде Филипче заедно со менторот Заев, биле спремни да одат само за да се збогатат. Додека луѓе умираа секојдневно од Ковид кризата, за којашто Филипче и Заев не обезбедија вакцини навремено, тие се занимавале со сценарија за одземање на сопствеништвото на Жан Митрев во истоимената болница. Наместо да мислат на добробитот на граѓаните, за ова дуо слушаме:згради, автокомпании, авиокомпании, анекси, договори, тендери, набавки, па сега и болници“,
додаде Стојаноски.
Претходно, претседателот на СДСМ Венко Филипче на вонредна прес-конференција најави дека ќе поднесе тужба за клевета против како што рече „наредбодавачите“ и „извршителот“, по зголемениот број напади на неговото конто од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели оти чашата ја прелеало вчерашното обвинување поврзано со д-р Жан Митрев, во кое на Филипче му се импутира дека вршел рекет врз приватната болница на Митрев.
Тој рече оти секојдневно е предмет на јавен линч, груби лаги и постојана црна кампања од неговите политички противници, но дека овојпат обвинувањата отишле предалеку. Дополнително, го повика Жан Митрев и властите, нивните обвинувања да ги ефектуираат институционално, наместо преку медиумски написи.
