Од поголемите општини на претстојните избори за нов мандат ќе се борат градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, за Охрид кандидат е Кирил Пецаков, за општина Штип – Иван Јорданов, за Битола – Тони Коњановски, а за градоначалничката функција во скопската општина Бутел кандидат, исто така, е актуелниот градоначалник Дарко Костовски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги соопшти имињата на кандидатите кои ќе се борат за градоначалничката функција во 25 општини на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври.

Овие кандидати се утврдени на редовната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа вечерва, а нивните имиња во изјава за медиумите ги соопшти генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.
Како што кажа и Сајкоски, најголемиот дел од нив се веќе актуелни градоначалници, кои се досегашната работа ги потврдиле своите квалитети и ја заслужиле довербата повторно да бидат кандидирани за градоначалници.
Од поголемите општини на претстојните избори за нов мандат ќе се борат градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, за Охрид кандидат е Кирил Пецаков, за општина Штип, Иван Јорданов, за Битола Тони Коњановски, а за градоначалничката функција во скопската општина Бутел кандидат, исто така, е актуелниот градоначалник Дарко Костовски.
„ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите коишто се предложени од Извршниот комитет на партијата убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат. Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните во изминатите четири години, а тоа го потврдуваат и анкетите“,
рече Сајкоски.
Инаку, целиот список со 25 кандидати кои вечерва се утврдени од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е следниот:
- Аеродром – Дејан Митевски
- Бутел – Дарко Костовски
- Ѓорче Петров – Александар Стојковски
- Чучер Сандево – Зоран Бајовски
- Штип – Иван Јорданов
- Велес – Марко Колев
- Свети Николе – Дејан Владев
- Карбинци – Виктор Паунов
- Градско – Киро Нацков
- Кавадарци – Митко Јанчев
- Гевгелија – Андон Сарамандов
- Зелениково – Коста Маневски
- Илинден – Александар Ѓорѓиевски
- Конче – Златко Ристов
- Делчево – Иван Гоцевски
- Ново Село – Ѓорги Божинов
- Василево – Славе Андонов
- Босилово – Ристо Манчев
- Берово – Петар Ружински
- Петровец – Борче Митевски
- Битола – Тони Коњановски
- Охрид – Кирил Пецаков
- Вевчани – Спасе Кочовски
- Брвеница – Јовица Илиевски
- Јагуновце – Димитар Костадиновски
Сите овие предложени кандидати, како што изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, водат со четири, а во некои општини и со пет спрема еден.
„Сите кандидати ги исполнуваат сите квалитети за градоначалник. Се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе. Најголемиот дел од нив се веќе актуелни градоначалници кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаа сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои досега се водени од кадри на СДСМ“,
рече Сајкоски.

Тој додаде дека во тек се и внатрепартиски избори за советници, кои се одвиваат преку месните и општинските комитети. Истовремено, Сајкоски ги повика и граѓаните кои не се партиски определени да се вклучат и да даваат свои предлози за советници.
„Потребно е заедништво за да градиме државни цели. Ги повикуваме сите да се надминат себе си и да ја стават Македонија пред сè. Со кандидатите коишто се предложени од ВМРО-ДПМНЕ веруваме дека тоа може да се случи. Извршниот комитет предочи дека Македонија е во предизборен период во кој ќе се одлучува за тоа дали Македонија целосно ќе се стави на патот за трансформација. Заклучено е дека во сите општини преовладува желбата за раст, развој, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Очекуваме победа секаде, Македонија ќе победи, доаѓа ново време“,
подвлече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.