Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека, во координација со другите пратенички групи, ќе поднесат предлог-одлука за разрешување на министерот и заменик-министерот за здравство, а нема да поднесат интерпелација, за да не заглави во фиоките на собранискиот спикер
Опозициската партија утрово ги повика помалите коалициски партнери во владејачката коалиција, БЕСА, ЛДП, ДОМ, Демократскиот сојуз (ДС) и ДПА, да не ги штитат министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, туку заедно да изгласаат негова смена.
Очекуваме, велат од опозицијата, помалите партии и сами да ги повикаат Филипче и Хасани на оставка.
ВМРО-ДПМНЕ повторно ги прозива министерот и неговиот заменик да ги достават оставките до Собранието, а не до премиерот Зоран Заев.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Венко Филипче и Илир Хасани да ги достават оставките до Собранието, а не до премиерот, кој видовме дека нема да ги прифати.
„Филипче и Хасани имаат рок до вторник да ги поднесат оставките до Собранието. Доколку не ги поднесат, ВМРО-ДПМНЕ, во координација со другите парламентарни партии, ќе поднесе предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и неговиот заменик. Филипче и Хасани мора да сфатат дека одговорност мора да има, и тие не смеат да бидат на своите позиции од морални причини, а тоа што ќе покаже истрагата е предмет дали за нив ќе има кривична одговорност или не. Тоа се два различни поими и постапки кои треба да течат одвоено“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие велат дека ќе поднесат предлог-одлука за разрешување, а не интерпелација затоа што сметаа дека таа би заглавила во фиоките на Талат Џафери.