Резолуцијата, која е составена од 9 точки, Мицевски вели дека воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска на прес-конференција ја претстави „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Мицевски истакна дека целта на резолуцијата е да се спротивстави на, како што наведе, „организираната и координирана кампања од страна на опозицијата“ која ширела несигурност и паника помеѓу граѓаните со лажни информации за прифаќање мигранти и изградба на кампови.
„Лажните сценарија на СДС ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи“,
рече Мицевски.
Резолуцијата, која е составена од 9 точки, Мицевски вели дека воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување.
Во резолуцијата, како што рече Мицевски, се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат, ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на Владата на Зоран Заев поврзани со мигрантски кампови. Исто така, Мицевски рече дека во резолуцијата се повикува за одговорен и јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи, а се констатира и дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките на поранешната влада на Зоран Заев, која, според нив, „отвори можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси.“
Мицевски најави дека резолуцијата ќе биде предложена во Собранието и ги повика сите парламентарни партии да ја поддржат.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одгоцварајќи на новинарски прашања околу тоа дали е можно да се најде заедничко решение со оглед на тоа што и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најавуваат поднесување резолуција во Собранието, рече дека станува збор за тема што не постои.
Мицкоски вели дека и тој како премиер, но и министерствата за внатрешни работи и за надворешни работи веќе кажале дека ниту се водени разговори, ниту „на памет ни паѓа такво нешто“.
Тој побара Обвинителството да се позанимава со изјавите на СДСМ околу мигрантите овенувајќи дека станува збор за своевиден вид на насилство – создавање немир и паника кај граѓаните.
