Тврдењата на Арсовски дека наводно е наместен тендер од 300 000 евра, директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје ги нарече „смешни и трагикомични клевети“ дадени пред почеток на престојната изборна кампања за локалните избори
ВМРО-ДПМНЕ денеска ги обвини градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје, Душко Весковски, дека наводно наместиле тендер од 300 000 евра за фирма блиска на СДСМ.
Партискиот портпарол, Димче Арсовски, на прес-конференција обвини дека фирма блиска на власта прво ја реконструирала водоводната мрежа на улица „Варшавска“ во Карпош, а дури потоа ЈП „Водовод“ распишало тендер за да се одбере најповолен економски оператор.
„Фирмата КБК Инженеринг оди на улица „Варшавска“ во јули, реконструира водоводна мрежа, надвор од закон, надвор од процедури, надвор од се останато што пропишуваат законите, ја завршува работата и дури после месец и пол се носи избор за најповолен понудувач токму фирмата КБК Инженеринг, и се потпишува договор за работа, дури откако целата реконструкција е завршена. Согласно договорот вредноста на реконструкцијата според е 18 041 646 денари или приближно 300 000 евра со ДДВ. Значи, директорот на Водовод, Весковски однапред имал смислено заедно со Шилегов која фирма ќе ја добие работата, најверојатно во претходен договор со нив и свесно, на нивна совест, прават криминално дело или правно толкувано несовесно работење во служба согласно член 353 од Кривичен Законик, што јасно покажува дека во овој случај треба да има и постапка од страна на надлежните институции“,
рече Арсовски.
Директорот на јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје, сега и кандидат за градоначалник на Карпош, Душко Весковски, обвинувањата на Арсовски ги нарече „смешни и трагикомични клевети“ дадени пред почеток на престојната изборна кампања за локалните избори.
„Јас, како генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, категорично тврдам дека целата постапка за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на улица Варшавска е спроведена согласно законските прописи, градежните стандарди и нормативи“,
се наведува во соопштението од Водовод и канализација испратено во име на директорот Весковски.
Тој тврди дека врз основа на усвоена инвестициона програма и годишен план за работа, спроведена е постапка за јавна набавка, по што била склучена рамковна спогодба за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа.
„По добиеното одобрение за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач“,
се наведува во соопштението од Весковски.
Директорот на јавното претпријатие додава дека останатите четири учесници немаат вложено жалба за изборот на најповолниот понудувач и дека градежни активности не се започнати без претходно склучен посебен договор.
Со ист став излезе и СДСМ.
„Како што јавно информира и ЈП Водовод и Канализација Скопје, реконструкцијата на водоводна и канализациска мрежа на улица „Варшавска“ е спроведена согласно законските прописи и и градежните стандарди и нормативи. Градежни активности од посочената фирма не се започнати без претходно слкучен посебен договор, како што денеска се обиде да излаже ВМРО-ДПМНЕ преку својот портпарол. Очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ не планираат да понудат ниту еден проект, ниту едно решение за скопјани па целата кампања ќе ја водат со лажни вести, манипулации, обиди за конструирани скандали кои немаат врска со реалноста“,
порачаа од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, по реакцијата на СДСМ најавија дека ќе објават докази дека фирмата градела пред набавката.
„Во самиот демант на Весковски се гледа и докажува дека аукцијата и јавната набавка е направена на 01 октомври 2020, а реконструкцијата на улицата Варшавска е започната на 14 јули и завршува на 20 август 2020.“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.