Според партискиот портпарол, ова би било нормално доколку тестовите во приватните клиники чинат исто колку и во јавното здравство, а не трипати помалку
Тестот за коронавирусот во Институтот за јавно здравје чини 4 950 денари. Бидејќи тестовите за граѓаните се бесплатни, ова е сумата што Фондот за здравство ја наплаќа од Министерството за здравство, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на фотографија што била објавена на социјалните мрежи. Како што рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на фотографијата од Институтот за јавно здравје за вирусот ковид-19 паѓала во очи цената на тест кој чини 4 950 денари.
Според Арсовски, ова би било нормално доколку тестовите во приватните клиники чинат исто колку и во јавното здравство, а не трипати помалку, односно 1 200 и 1 500 денари по тест. Разликата во цените, рече, е огромна, односно изнесува дури 3 750 денари.
„Слушнавме многу различни ставови од власта. Прво Венко Филипче не знаеше зошто цената е толку повисока на тестовите во јавното здравство, Фондот за здравствено осигурување немаше прецизен одговор и рече дека понатаму ќе одговори, за потоа Министерството за здравство да реагира дека во таа цена влегувале и платите на луѓето и другите трошоци за одржување на институтот“,
рече Арсовски
Тој рече дека е чудно како приватните клиники, кои е нормално да имаат поскапи цени за услугите од јавното здравство, во цените од 1 200 и 1 500 денари да немаат вкалкулирано плати за вработени и цени за одржување.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со разликата од реалната цена на тестовите до цената што ја наплаќа во јавното здравство ФЗО, ќе можеле да се купат 3.000 теста и наместо 1 000 тестирани до вчера ќе имаше 4 000 тестирани граѓани за појасна епидемиолошка слика.