Претходно денеска на брифинг со новинарите лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека нема да седне на иста маса со премиерот Христијан Мицкоски, дури и ако тема на дискусија се реформските закони. Дискусијата за нив, како што рече, ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите закони од реформската агенда
Венко Филипче не одбива само лидерска средба, туку дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси. Вака реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот на опозицискиот СДСМ рече дека не ја прифаќа поканата за лидерска средба на премиерот Христијан Мицкоски бидејќи не сака да има средба со криминалци. На лидерската средба која ја одби Филипче, според претходните најави на премиерот, би се разговарало за реформските закони и укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред избори.

„Иако СДС и Филипче од уста не ја вадат европската интеграција на Македонија, уште еднаш покажаа дека нив тоа не ги интересира, дека тоа им е пропаганда за гола политика затоа што тема на лидерската средба, на која Филипче одбива да биде дел, бидат и реформските закони кои се дел од реформската агенда за ЕУ која има за цел унапредување на економскиот раст и стабилноста на државата. Филипче покажа дека сè добро во и за државата му смета – реформите во правосудството, во безбедноста, слободата на изразување како и напредокот на државата“.
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска, на брифинг со новинарите лидерот на СДСМ рече дека нема да седне на иста маса со премиерот Христијан Мицкоски, дури и ако тема на дискусија се реформските закони. Дискусијата за нив, како што рече, ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите закони од реформската агенда.
ВМРО-ДПМНЕ го обвини Филипче дека е против реформите во правосудството и обвинителство бидејќи, според владејачката партија, е исплашен од чистката на кадрите што се избирани од СДСМ, а кои, како што велат, го штитат од одговорност за криминалот за модуларните болници, за вакцините во периодот на коронавирусот кои сакал да ги набави по цена двојно повисока од пазарната, како и за тендерите за набавка на јаглен за ЕСМ.
„Исто така, видовме дека на Филипче му сметал и системот ‘Сејф сити’, кој е систем што се подготвувал долги години и кој, во овој пробен период, покажа дека е многу ефикасен во гарантирањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, но и во утврдувањето на сторителите на сообраќајни прекршоци“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На брифингот со новинарите Филипче рече дека доколку има техничка влада пред избори, техничкиот министер за внатрешни работи кој треба да биде од редовите на опозицијата, ќе гарантира дека системот „Безбеден град“ нема да се злоупотреби за следење на движењето на поединци од опозицијата.
