„Венко Филипче, ни помалку ни повеќе, ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта“, велат од партијата

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по, како што наведуваат, „историскиот дебакл“ што партијата го доживеала на вчерашниот прв круг од локалните избори.
ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека СДСМ, предводена од Филипче, ги загубила своите клучни позиции и покажала целосна безидејност.
„СДС предводена од Венко Филипче го изгуби во прв круг и бастионот Струмица. ВМРО-ДПМНE пак ја освои Струмица во прв круг. Граѓаните и во бастионот на СДС јасно им кажаа не за нивните политики“,
се вели во соопштението од партијата.
Од партијата се осврнуваат и на тоа што СДСМ во Скопје не успеала да влезе ниту во вториот круг, завршувајќи на четвртото место, зад ВЛЕН.
„Венко Филипче, ни помалку ни повеќе, ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата на власт наведува дека СДСМ не успеала да го заземе второто место во голем број општини, меѓу кои Битола, Карпош, Кисела Вода, Куманово и други.
„Резултатите од овие избори целосно го декласираа Венко Филипче. Единствениот добар и користен потег што може да го направи за народот и за самата СДС е да си поднесе оставка“,
се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека резултатите од првиот круг јасно покажале дека СДСМ, заедно со Зоран Заев, понудиле „целосна безидејност, немање никакви проекти“, со што се потврдила нивната грижа само за лични интереси.