Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, информира дека органите на партијата ќе заседаваат и ќе се разговара за сите правни дилеми и понатамошни чекори што ќе ги преземат во врска со референдумската иницијатива откако таа вчера беше отфрлена од собранискиот претседател Талат Џафери поради нејзината неуставност
Пратеникот од редовите на СДСМ, пак, Мартин Костовски, денеска на прес-конференција кажа дека од ВМРО-ДПМНЕ се свесни за противуставноста на иницијативата за референдум што ја поднесоа до Собранието
Откако претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот за укинување на Договорот со Бугарија, оценувајќи ја за противуставна, денеска потпретседателот на опозициската партија Владо Мисајловски информира дека органите на партијата ќе заседаваат и ќе се разговара за сите правни дилеми и за понатамошни чекори што ќе ги преземат во оваа насока.
Тој уште еднаш го повтори ставот на партијата дека работата на претседателот на Собранието не е да го толкува Уставот, туку дека тоа е работа на Уставниот суд, а дека отфрлањето на иницијативата за референдум е поради измислени и противправни причини.
„Во овој момент гледаме дека Талат Џафери е уставен судија, Талат Џафери е Уставен суд и нашата проценка е дека ова и претходно го кажувавме, каква иницијатива и да поднесе ВМРО-ДПМНЕ или граѓаните или независно кој и да сака, тие ќе најдат некоја пречка или причина или точка или запирка сето ова да го спречат, како што видовме во ова соопштение што го даде Талат Џафери“,
рече Мисајловски додавајќи дека власта се плаши од народот и затоа измислува небулозни причини за отфрлање на иницијативата за референдум.
На прашањето дали и тие како партија ќе поднесат кривична пријава, Мисајловски рече дека ВМРО-ДПМНЕ досега многупати доставила кривични пријави и тие веднаш се отфрлаат бидејќи, како што посочи, имаме држава со заробено судство. Но, како што додаде, ова нема да застари и одговорност ќе има.
„Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието односно претходен референдум и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓани за други прашања за кои одлучувало Собранието тоа е дополнителниот референдум, ова е чл. 24 од Законот за референдум, кој Талат Џафери вчера со неговата одлука за отфрлање на Иницијативата за распишување на Референдум за поништување на Законот за ратификација на договорот со Бугарија го прекрши“,
посочи Мисајловски додавајќи дека одлуката на Џафери за одбивање на одлуката е незаконска.
Мисајловски вели дека објаснувањето на Џафери со кое ја отфрла иницијативата за референдум е правно неиздржано, небулозно и не содржи правна подлога, а дека прашањето на ВМРО-ДПМНЕ не ја менува содржината на договорот, туку го оспорува законот со кој се ратификува билатерален договор и се прогласува за важечки на територија на Република Македонија со сила на закон.
„Со поништување на Законот за ратификација на договорот трој ќе престане да важи за Република Македонија, зашто согласно нашиот Устав меѓународните договори мора да бидат ратификувани како закони. А, со тоа и ќе престанат сите негации на Македонија за јазикот, историјата и идентитетот, и би се пристапило кон репреговарање, но достоинствено“,
додава Мисајловски.
Пратеникот од редовите на СДСМ, пак, Мартин Костовски, денеска на прес-конференција кажа дека од ВМРО-ДПМНЕ се свесни за противуставноста на иницијативата за референдум која што ја поднесоа до Собранието.
„Договорот за добрососедство е меѓународен договор, а членот 118 од Уставот јасно предвидува дека Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со Закон. Затоа што според Уставот прекинување на правно дејство значи менување. Тоа го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа вчера цитираа погрешен член 24 од Законот за референдум кој се однесува на консултативен референдум, а не на задолжителен како што бараат во иницијативата“,
вели Костовски.
Според него, лидерот на опозицијата намерно ја смислил и поднел оваа иницијатива на правно неиздржан начин со цел да создава тензии, да го манипулира народот, свесен дека таа негова иницијатива нема да успее.
„Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против Договорот за добрососедство со Бугарија, не ги удостоија граѓаните ниту со расправа во Собранието. Сега, пет години подоцна бараат референдум против овој договор за одговорноста да ја префрлат кај граѓаните. И тука се гледа незрелоста, неодговорноста но и деструктивноста на Мицкоски“,
додаде пратеникот од власта.