Дојавите за бомби можеби се хибриден напад, но неспособноста на Ковачевски и Спасовски е очигледна и типична за СДС, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата прашуваат зошто власта чекаше долго за да побара меѓународна помош.
„После три месеци дојави за бомби во училишта, институции, станбени објекти, трговски центри, а сега и аеродром, хотели и спортски објекти, дури сега им текна да побараат меѓународна помош од нашите партнери. Зошто Спасовски и Ковачевски чекаа толку долго? Зошто навреме не ги искористија сите домашни и меѓународни капацитети да се справат со ваквата безбедносна закана која шири тензии и страв кај граѓаните?“
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неспособноста на Оливер Спасовски станува безбедносен проблем за Македонија.
„Тој е веќе осма година на позицијата министер за внатрешни работи. Резултатот на тоа е опаѓање на професионалноста и авторитетот на полицијата. Поради вработување на партиските кадри и лица со досие, полицијата се доведе во состојба да не може да одговори на заканите по редот и мирот во Македонија“.
се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од министерот Спасовски и час поскоро домашни и странски експерти да се вклучат во истрагата за да се влезе во траг и да се санкционираат дојавувачите на бомби.