Опозициската партија денеска пред Министерството за здравство организираше протест под мотото „Здравје, а не провизии“
Ни рекоа „За Живот“ во Македонија, а државата е една голема гробница, ова ли е живот со 30 погреби дневно, стотици одат во соседството да се вакцинираат, а државата е во петте најлоши држави по смртност во светот.

Вака Влатко Ѓорчев им се обрати на присутните членови и поддржувачи кои денеска беа на протестот пред Министерството за здравство што го организираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, под мотото „Здравје, а не провизии“, кој започна со минута молк за сите 3 600 починати од коронавирусот во земјава.
„Денеска во Македонија додека зборуваме во моментов се подготвуваат 33 погреби, денеска 33 семејства ќе ги испратат своите најмили и веќе никогаш да не ги видат, ќе молчиме затоа што власта не се ни дрзнува во Собрание да молчи за починатите свои сограѓани, минута молк затоа што болката е голема и затоа што мртвите се премногу, а неспособноста е ужасна, не е нормално да умираат по 30 луѓе дневно и никому ништо“,
рече Ѓорчев.
Тој ја позиционира земјава како најлоша на Балканот, каде „никој не вакциниран, а со леснотија се умира“.
„Најнеспособни сме на светот, Врање за нас стана Шведска и Скандинавија, ова е фијаското во кое живееме, ги повикувам ченовите на СДСМ и ‘шарените револуцинери’, да не бидат индиферентни на 3 600 –тини мртви и да не се молчат за ова што ни се случува“,
рече Ѓорчев.

На денешниот протест пред министерството за здравство се обрати пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која истакна дека поради, како ја нарече, епската неспособност на власта Македонија се најде во првите места на починати од ковид-19, додавајќи дека во земји како Уганда, Авганистан и Сирија веќе започнале процес на вакцинирање, а кај нас се живее со информациите за заминување на деца од по дваесетина години.
„За иронијата да биде поголема, а сарказмот да стигне до небото, тука се и таканаречените подготовки за попис, додека македонските градови и села пиштат од болка по прерано заминатите, а тоа е само една од нивните душмански политики во оваа земја на некролози“,
рече Мизрахи и во име на партијата уште еднаш побара одложување на пописот и оставка од министерот за здравство Венко Филипче.
МЗ: Не ширете лаги и немир меѓу болните
Ако на опозициската партија и беа важни граѓаните, пациентите, нивните семејства, лекарите, сестрите, другиот медицински персонал, ВМРО ДПМНЕ немаше да протестира на место каде има најголем број хоспитализирани пациенти во државата, реагираа од Министерството з здравство на протестот.
„На само стотина метри од протестот на ВМРО ДПМНЕ лежат над 300 ковид – пациенти, работат здравствените работници, макотрпно, без да се штедат, се борат со вирусот и им ја даваат потребната нега на болните. ВМРО ДПМНЕ денеска одбра да шири несигурност во Клиничкиот блок, наместо да ги остави лекарите и медицинскиот персонал да бидат концентрирани и посветени на пациентите“,
се вели во соопштението.
Министерството за здравство ја повикаа опозициската партија да престане, како што велат, да го опструира процесот за набавка на вакцини измислувајќи сценарија, фалсификат документи и ширење лаги и со протести кои ги оцени како обид за ширење немир меѓу болните, нивните семејства, здравствените работници и сите граѓани.