Без разлика дали бил член на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на обезбедувањето на премиерот, за криминогените нема да има милост, велат од владејачката партија и додаваат дека законот важи подеднакво за сите
Наместо да ја поздрави акцијата на МВР и да научи како државата мора да ги победува тие што ја злоупотребуваат, СДСМ како дете на кое ништо не може да му се погоди реагира колку да каже нешто. Ваква е реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на СДСМ во врска со приведениот полициски службеник и член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски.

Без разлика дали бил член на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на обезбедувањето на премиерот, за криминогените нема да има милост, велат од владејачката партија додавајќи дека законот важи подеднакво за сите.
„Разбираме дека после сè што ѝ направија на Македонија, тешко е СДС да ја сфати борбата против криминалот. Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер? А ќе потсетиме дека Заев и СДС го имаа ‘Сашо ќе пукам’, потоа премиерски телохранител со потекло од Струмичко, со по неколку пријави за тешко насилство, кои поминуваа нечепнати, ниту одговараа пред законот. На СДС не му сметаше тоа што ДУИ владееше со улиците во Скопје и што заедно со мафијашките кланови, кои сега се зад решетки, хараа и уништуваа животи низ главниот град преку рекети, дрога, убиства, лихва, тогаш СДС молчеше и соработуваше со нив, но сега им смета тоа што се апсат сите кои несовесно се однесуваат со службата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат оти обвинувањата на СДСМ нема да ги поколеба во борбата против корупцијата и злоупотребите кои, како што велат, како начин на однесување е надграден и усовршен од СДСМ и нивното седумгодишно владеење.