„Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други?“, се дел од прашањата на кои власта бара одговори

Зошто СДСМ се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби. Ова е прашањето што владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва преку партиско соопштение го упати до партијата и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ следува откако Филипче во телевизиско интервју рече дека порано за актуелната власт Демократската унија за интеграција била криминална, а сега според начинот на кој беше спроведено приведувањето на поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби очигледно е дека има договор.
„Венко Филипче и СДС се единствените кои се исплашени заради корупцијата и криминалот на структурите блиски до партијата. Филипче да не шири паника и страв и да не ја префрла вината кај граѓаните, тие треба да бидат спокојни, правда мора да има, а институциите на системот да профункционираат“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека е завршено „времето на политички нарачани пресуди од судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица“.
„Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други?“,
се дел од прашањата на кои власта бара одговори.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Венко Филипче и Зоран Заев се архитектите на најголемите упади и политички прогони во Македонија од комунистичкиот режим до сега.
„Не ВМРО-ДПМНЕ, не политичари, туку обвинители сведочеа дека Заев и Шекеринска ги гледале во СЈО како нарачуваат предмети и седат со обвинители. Од тогаш е погребана правдата која сега ќе оживее. Правда ќе има без оглед на нервозата на Венко“,
се додава во соопштението.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ се надоврзува и на случајот со запленетата марихуана што веќе некое време е актуелен во јавноста.
„На Филипче му пропадна и обидот да ја скрие блискоста на структурите на СДС и кланот Заеви со сопственикот на запленетаат марихуана, но вистината излезе на виделина. Венко Филипче лажеше дека не ги познава лицата дури и на телевизиско интервју кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата ‘ЦБД Медплант’ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, но фотографиите од нив двајца кои излегоа во јавноста тоа го демаскираа. Венко Филипче во друштво на сопственикот на илегалната дрога. Венко Филипче и Тони Котев покрај себе“,
додаваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се децидни дека владеење на правото и правдата мора да има и оти секој што го прекршил законот ќе одговара.
Филипче во вечерашното телевизиско гостување рече дека со доаѓањето на Артан Груби се случи урнисување на правниот систем на државата.
Според Филипче, секој што го прекршил законот треба да одговара, ама не со политички договори кои ја поткопуваат довербата во правосудниот систем.
Лидерот на СДСМ додаде дека доколку постојат какви било информации или докази тие треба да бидат изнесени јавно, но нагласи дека власта нема капацитет тоа да го спроведе со, како што рече, партизирано судство.
