Реакцијата на владејачката партија следува откако лидерот на СДСМ денеска предложи намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто при промет на сите енергенти, намалување на акцизата за четири денари, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, за да се спречи ценовниот шок предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток
Не бараме совети од човек што сакаше да заработи на вакцини во ковид-кризата – велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно денеска на Владата ѝ предложи сет мерки кои смета дека треба да се преземат за да се спречи ценовниот шок предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток.

„Човекот кој во време ковид-кризата, наместо набавка на ракавици, калоши, маски и така натаму, договараше провизии за вакцини, нема кредибилитет да дели совети како треба да се постапи. Изгледа Венко живее во некој свој свет, во којшто е само тој со Заев, Башановиќ и уште двајца-тројца, па нема кој да му каже дека Владата си ја врши својата работа без тоа да биде помпезно најавувано во јавноста, како во нивно време. Филипче и СДС нека не се грижат, не одиме по нивните стапки. Совети од експерт за крадење во време на кризи, не бараме“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Од партијата додаваат дека некои од мерките кои ги предложил Филипче веќе се споменати дека би се преземале за намалување на штетите од евентуална криза.
Филипче денеска предложи намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто при промет на сите енергенти, намалување на акцизата за четири денари, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.
