„Наместо Европа на Македонија, СДСМ Заев и Димитров ја однесоа државата во ќор-сокак во однос на европските интеграции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на Димитров, на која кажа дека тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со бугарскиот сосед
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета оти поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров е жртва на сопствената неспособност, а не жртва на „злобната“ Бугарија, откако тој денеска на прес-конференција кажа дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
„Димитров е кариерист кој ги заплетка и комплицираше односите со сите наши соседи и го поларизираше општеството“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека грижата на Димитров за националните и државните интереси освен што е задоцнета е и лажна зашто, како што велат, тој бил првиот што ги продавал кога „СДСМ беше во налет и цврста власт“.
На денешната прес-конференција Димитров рече дека нечиј интерес, и во земјата и надвор од неа, е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место, што го одбил.
„Сфатив дека очигледно нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како ме нарекоа, вирус поопасен од коид. Но, како што кажав и тогаш против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе“,
рече Димитров на денешната прес-конференција.