Опозициската партија реагира на соопштението од Министерството за здравство со коригирани бројки на новозаразени
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва во како што го нарече, вонредно соопштение, праша дали власта ги фингира бројките и со јавноста споделува фингирани извештаи за бројот на заболени во државата, со задни намери и остварување на политички цели, откако претходно Министерството за здравство објави соопштение со коригирани бројки на новозаразени во земјава, за кои рече дека се резултат на потврдени нови случаи во приватна лабораторија од каде доцнеле резултатите.
„Власта вечерва ги корегираше бројките на новозаразени од коронавирусот во Македонија. Како 67 станаа 76 ново заболени. Тоа се човечки животи, а не бројки. Дали намерно се дозира бројот на заболени со цел да создадат привидна состојба на контрола над ситуацијата и да се затскрие фијаското кое Владата на СДСМ го доживува во борбата со заразата? Нема да не изненади ако се потврдат некои шпекулации дека власта крие новозаболени и ги дозира со цел да не се добие впечаток дека нема услови ни на 5-ти јули да се одржат избори и да се исполнат инструкциите на Зоран Заев за да се креира лабава атмосфера на новото нормално“,
се вели во соопптението од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за здравство вечерва ги коригираше бројките на новодијагностицираните со ковид-19 во изминатото деноноќие, со што бројката е 76 заразени.
Во соопштението се наведува дека новите 9 случаи се потврдени во приватна лабораторија, од каде што доцнеле резултатите за да бидат вклучени во статистиката што денеска на прес-конференцијата во 15 часот ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
