Бришењето на предметот историја се случува кога се негираат нашите идентитет, јазик и историја, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на денешната прес-конференција на министерката за образование Мила Царовска, оценувајќи ја презентираната концепција за основното образование како нацрт-верзија која има многу недостатоци и нејаснотии.
Опозицијата во соопштение до јавноста бара повлекување на предложениот нов концепт за основното образование и изработка на нов, со претходни консултации со сите релевантни фактори во образованието.
„После оваа прес конференција, со прилично несигурен настап и на Министерката и на другите учесници, а и според бурните реакции на бројни релевантни институции, граѓани и родители, најдобро би било целата концепција да се повлече и да се почне со креирање на друга, но после навистина спроведени консултации со сите релевантни фактори во образованието“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема објаснување од надлежните како ќе се зголемат компетенциите и вештините на учениците со новите реформи, но и кои се можностите на училиштата да ја спроведат новата настава.
„Беше потенцирана потребата од реформа и дека концепцијата ќе обезбедела учениците кои ќе го завршат основното образование ќе имале европски компетенции и вештини. За тоа како тоа ќе се постигне немаше релевантно објаснување, освен дека тоа ќе се постигне со интегрирање на предмети и усогласување на наставни програми, теми и наставници. Не стана збор за континуирана поддршка на наставниот кадар од релевантни институции, не стана збор за активација на службите за професионален развој на детето, што е неопходно бидејќи во концепцијата се предвидуваат изборни предмети од најмала возраст, не стана збор за можностите на училиштата да спроведуваат ваква настава и многу други битни елементи. Се изјави дека училиштата треба да станат пожелни простори за учениците, но како тоа ќе се постигне не се појасни“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата уште еднаш го критикуваа и интегрирањето на предметот историја во предметот „општествени науки“, а прашаа и зошто учениците од помалите етникуми во Македонија не учат македонски јазик од прво одделение
„Во концепцијата се бришат изборните предмети кои се групираат во природни науки и општествени науки. Тоа значи дека нема физика и хемија, интегрирани се, но нема ни историја и тоа во ваков момент на историски настани за Македонија кога се негира идентитетот, јазикот и историјата на нацијата, а целата концепција се прави со цел учениците да имаат функционално знаење, соодветно на општествените збиднувања и реалниот живот. Нешто тука е контрадикторно. Со оглед дека стана збор за јазиците, го прашуваме целиот тим, зошто учениците од помалите етникуми во Македонија не учат македонски јазик од прво одделение?“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.