Согласно распределбата на мандатите, најмногубројна пратеничка група по изборите би била ВМРО-ДПМНЕ со вкупно 52-54 пратеници. СДСМ би освоила двојно помалку, односно од 26 до 30 пратенички места. Од другите поголеми партии од македонскиот политички блок, Левица би освоила од пет до шест пратеници, а партијата За наша Македонија (ЗНАМ) на Максим Димитриевски од четири до шест пратеници
На претстојните парламентарни избори, кои ќе се одржат на околу два месеца отсега, ВМРО-ДПМНЕ би освоила двојно повеќе пратенички мандати во Собранието во однос на СДСМ. Ова го покажуваат сумираните резултати од анкетата на јавното мислење спроведена од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), чиј програмски директор е Владимир Божиновски.

Од анкетните резултати од секоја изборна единица поединечно, кои беа објавени во серија изданија на емисијата „Објектив“ на МРТ 1, согласно Донтовиот модел, направена е симулација на пратеничките мандати што би ги освоиле партиите.
- Анкета: ВМРО-ДПМНЕ во водство пред СДСМ, граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока и дека е потребна смена на власта
- Анкета на ИПИС: Двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во ИЕ 2, ДУИ во тесно водство пред ЕСП во шестата изборна единица
- Анкета на ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ со двојна предност пред СДСМ на истокот и југот од земјата
Според симулацијата, најмногубројна пратеничка група по изборите би била ВМРО-ДПМНЕ со 52 до 54 пратеници. Од друга страна, СДСМ би освоила двојно помалку, односно од 26 до 30 пратенички места во парламентот, покажува симулацијата. Од другите партии од македонскиот политички блок, Левица би освоила од пет до шест пратеници, а партијата За наша Македонија (ЗНАМ) на Максим Димитриевски од четири до шест пратеници.

Ситуацијата кај политичките партии на Албанците е следна – Демократската унија за интеграција (ДУИ), според анкетата на ИПИС, би освоила од 14 до 15 пратеници, четирите опозициски партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“ (доскорашна „Европски сојуз за промени“) би освоиле од 10 до 12 пратенички мандати, а Алијанса за Албанците би имала три пратенички места во парламентот.
ВМРО-ДПМНЕ со потенцијално најголема предност пред СДСМ во ИЕ 3
Најголемата разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, според симулативниот приказ на бројот на мандати, е видлива во третата изборна единица. Таму, мнозинство од вкупно дваесетте пратеници кои може да се освојат по изборна единица, потенцијално ќе ѝ припаднат ВМРО-ДПМНЕ односно од 12 до 13 пратеници. Во Изборната единица 3 СДСМ ќе има од пет до шест пратенички мандати.
Симулацијата покажува слична распределба на мандатите на двете најголеми партии од македонскиот блок и во Изборната единица 4. ВМРО-ДПМНЕ таму би освоила 12 пратенички места, додека СДСМ од шест до седум мандати.
ДУИ во тесно водство пред опозициските партии на Албанците во шестата изборна единица
Во шестата изборна единица, каде што главната битка се води помеѓу политичките партии на Албанците, ДУИ би освоила седум пратенички места во парламентот. Наспроти неа, од шест до седум мандати би освоиле четирите опозициски партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“ (доскорешна Европски сојуз за промени). Алијанса за Албанците би добила двајца пратеници во оваа изборна единица.
Анкетата на јавното мислење, според која е направена симулативната распределба на пратенички мандати во парламентот, е спроведена телефонски во периодот од јануари до февруари 2024 година на репрезентативен примерок од 6 021 испитаници со маргина на грешка од плус / минус 3 проценти.