Дополнително, бараат од опозицијата, да се намали и ДДВ-то за производите за исхрана и за топлинска енергија, односно за парното да биде 0 отсто, а за струјата да остане 5 отсто до крајот на годината
Власта итно да го прифати предлогот за намалување за 50 отсто на акцизата за горивата, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Со тоа, тврдат од партијата, горивото ќе поевтини за 9,5 денари, а бензините за цели 13 денари.
„Последните поскапувања на горивата уште повеќе ќе ја разгорат инфлаторната спирала во Македонија. Горивата на година ипол поскапеа за над 80% и имаат директна импликација врз цената на транспортот, храната, услугите и производите кои ги користат граѓаните. Но власта на СДСМ и ДУИ абер нема да ги намали акцизите и таксите со цел да им излезе во пресрет на граѓаните и стопанството. ВМРО-ДПМНЕ бара итно и неодложно прифаќање на мерката за намалување на акцизата кај горивата за 50%, со која дизел горивото ќе поевтини за 9,5 денари, а бензините за цели 13 денари“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, бараат од опозицијата, да се намали и ДДВ-то за производите за исхрана и за топлинска енергија, односно за парното да биде 0 отсто, а за струјата да остане 5 отсто до крајот на годината.
Вакви слични мерки, пак, се очекува веќе денеска да се најдат пред Владата. Како што вчера јави Телма ТВ власта се подготвува на две крупни мерки од кои едната, според неофицијални информации на телевизијата, најверојатно ќе биде намалување на акцизата за горива за 30 отсто. Втората мерка, пак, ќе се однесува на укинување на ДДВ-то за конкретна ограничена листа на прехранбени продукти, за струјата и за парното.