ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш ја обвини власта за распродавањето на националните интереси, посочувајќи го проблемот со Бугарија, и побара формирање влада за национален спас.
„Најпрвин, проблемот кој го има Бугарија со Република Македонија, не е тукутака настанат, туку настанат е заради несериозната и неискусна ‘патлиџан’ дипломатија на СДСМ, Заев и Димитров…Покрај несериозната дипломатија, распродавањето како на пазар на национални и свети интереси на Република Македонија и македонскиот народ, нашите информации говорат дека Зоран Заев ветувал и многу други работи, кои немаат никаква поврзаност со дипломатија и ЕУ интеграција, туку само со обичен бизнис“,
изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој праша, какви концесии има Зоран Заев кон бугарската Влада и поединци од таму.
Од СДСМ одговорија дека политички аматеризам е во ситуација на потреба од сите капацитети да се во функција на борба против сериозна пандемија, да се изјавува и да се бара нешто.
„Бара предвремени избори, а бега од предвремените избори во Штип. Ваквите изјави на Мицкоски всушност не доликуваат ниту на политичка дебата и веќе нема никакво ниво, ниту би рекла здрава логика да се дискутира било каков предлог кој што најчесто не опстојува ниту во текот на 24 часа. Ова може да се каже дека е само уште едно блефирање“,
изјави пратеничката Снежана Калеска – Ванчева.
Таа го повика лидерот на најголемата опозициска партија да каже дали лидерите на Алтернатива и Алијанса за Албанцте Африм Гаши и Зијадин Села, дека ќе го поништуваат Договорот од Преспа и дали им дал алтернативи за членството во НАТО, дали им предложил идеолошкото обединување да го најдат во одбивањето да се даде поддршка на Законот за јазици и што барал на 27 април во Собранието.