Покрај оставка, од опозициската партија побараа од надлежните органи да поведат и постапка за кривична одговорност против шефот на дипломатијата затоа што на прес-конференцијата со својот шпански колега, кој беше во посета на на земјава во петокот, минатата недела не го користел македонскиот јазик како службен јазик за меѓународна употреба туку зборувал на албански
Министерството за надворешни работи денеска реагираше со демант на наводите на опозициската партија, нагласувајќи дека за време на празник партијата преку груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева денеска го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи да си поднесе оставка од функцијата, а надлежните органи веднаш да поведат постапка за кривична одговорност против него затоа што на прес-конференцијата со својот шпански колега во петокот зборувал на албански, наместо на македонски јазик кој според Уставот е службен јазик во меѓународната комуникација.

Од опозициската партија ваквиот однос на шефот на дипломатијата го оценија како како срамен, недржавнички и понижувачки.
Министерството за надворешни работи денеска реагираше со демант на наводите на опозициската партија, наведувајќи дека за време на празник партијата преку груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството.
Инаку, како што истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата Османи го прекршил Уставот на државата, но и самиот Рамковен договор.
„Срамен, недржавнички и понижувачки е односнот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија. Имено, од официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес-конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот. Ова однесување е кршење на Уставот на државата, но и на самиот Рамковен договор. Бујар Османи во својство на МНР на Македонија во добро познатиот негов надмен и понижувачки стил говори на течен албански јазик иако е назначен да ја преставува Република Македонија. Оваа власт на СДС и ДУИ, на чело со Османи како МНР трајно ги погазува македонските национални вредности, а македонскиот јазик е една од тие најголеми вредности кои ги има македонскиот народ“,
рече Митева на денешната прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во демантот од Министерството за надворешни работи пак се наведува дека зачудува однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која иако себе си се декларира како партија заштитник на конзервативните вредности, за време на одбележувањето на Велигденските празници, поточно – Велика Сабота, или Ден на длабоко молчење и покој, преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството.
Од Министерството велат дека на секој настан шефот на дипломатијата, Османи се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици.

„Заради почитта кон нашите сограѓани, кои во овие денови очекуваат да добијат мир и спокојство за достоинствено да ги одбележат велигденските празници, Министерството за надворешни работи се воздржа од коментирање на непристојното однесување од страна на ВМРО–ДПМНЕ. Сепак, во интерес на вистината, дозволете во целост ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес конференцијата со Министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено. Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан Министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми“,
се вели во демантот од МНР.
Во него од Министерството напоменуваат дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја дефинирана со закон, во кој прецизно е дефинирана нивната употреба која треба соодветно да се применува без да биде предмет на политичка пресметка.
„Со оглед дека настаните и прес-конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО – ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“,
велат од Министерството за надворешни работи.