За да има доволно време за подготовки, ВМРО-ДПМНЕ ќе побара наместо догодина, пописот да се одржи во 2021 година.
Пратеникот Илија Димовски, пред денешното продолжение на преговорите меѓу власта и опозицијата, ги образложи нивните забелешки. Побара дефинирање на сите поими и изрази што се користат во законот за да нема различни толкувања, носител на операцијата да биде стручно тело оформено со консензус, а не Заводот за статистика, тие што ќе се попишат преку електонска апликација да не се водат како резидентно население, а МВР да формира специјален тим за поддршка на пописот, како што тоа се прави за време на избори.
Димовски рече дека бараат пописот да се спроведе по стандардите на Еуростат и да се направи проверка на собраните податоци. За опозицијата спорен е и начинот на внесување на податоците на терен – директно во компјутер.
„Ценејќи го фактот дека голем дел од нашите граѓани, особено повозрасните, не можат да ја следат новата технологија, ние бараме да има пописница, односно да има документ во кошто ќе се внесуваат податоците од граѓаните кој задолжително ќе биде потпишан од граѓанинот што ги дава податоците за себе или за некој од своето семејство и задолжително да има потпис од попишувачите. Така ќе имаме потврда дека за внесените податоци гарантираат и попишувачите и човекот којшто ги дал податоците“,
изјави Димовски.
Денеска во Собранието треба да продолжат преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за попис. Пратеникот Илија Димовски го предводи тимот на ВМРО-ДПМНЕ, а од страната на власта е директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Според најавите, пописот треба да се одржи во април 2020 година по цели 18 години поминати од последниот во 2002. Обид за попис имаше во 2011 година, но тој пропадна.
Во март минатата година Специјалното јавно обвинителство обелодени дека се води истрага „Попис“. Осомничени се екс-премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за намерно стопирање на пописот во 2011 година и за нанесена штета на буџетот од 3 милиони евра.
Повеќе за пропаднатиот попис во 2011 година, може да погледнете во прилогот емитуван во емисијата „360 Степени“ на 27.03.2018.