Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на локалните избори за градоначалник во Штип и Пласница, а како причина ја наведуваат корона-кризата и зголемениот број на нови, но и на смртни случаи поврзани со ковид-19.
ВМРО-ДПМНЕ оваа одлука едногласно ја донесле вечерва на седница на Извршниот комитет на партијата.
„За два дена имаме над 40 мртви и речиси двеипол илјади новозаразени со ковид-19. Нашата земја е на самиот врв во регионот по бројот на заразени и по бројот на починати споредено со бројката на направени тестови. Сето ова укажува на тоа дека нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и дека истите треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања“,
изјави вечерва Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа не даде конкретен одговор дали ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со кандидати за градоначалници, доколку сепак се одлучи тие да се одржат. Стојаноска рече дека сега оставаат отворена понуда за разумно одложувањето на изборите.
„Не може да има забрана за собири на повеќе од четири лица, а Владата на Заев да очекува дека изборите во Штип и Пласница нема да го загрозат здравјето на граѓаните. Изборот за градоначалник на Штип со мандат од само 9 месеци може да почека, но заштита на здравјето на Македонија не смее да се занемари. ВМРО-ДПМНЕ никогаш порано и никогаш во иднина нема да води некрофилска политика. Мора да се однесуваме одговорно и граѓаните тоа го бараат од нас. Избори да, но не и по цена на животите на луѓето. Избори не, ако тие се со цел зачувување на фотелјите на Бочварски и на Заев“,
рече Стојаноска.