Опозициската партија смета дека се поставува сериозен сомнеж за нејзината работа и препораките што таа ги дава во изминатиот период
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и разрешување на Комисијата за заразни болести и итно формирање нова составена од експерти и натпартиски решенија, кои ќе донесат итен пакет мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Според Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, се поставува сериозен сомнеж за нејзината работа и препораките што нејзините членови ги даваат во изминатиот период.
„Тие се под политички притисок, наместо да го гледаат здравјето на граѓаните. Најголемиот дел се директори поставени од оваа власт, дури има и кандидат за пратеник. Но ова не е време за водење политика, туку за носење одлуки за заштита на здравјето на граѓаните. Комисијата, исто како и Владата, потфрли, а бројката на новозаразени потврдува дека е доведено здравјето на граѓаните во опасност“,
изјави денескана прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Денешните податоци за над 50 новозаразени, според оваа партија, е крајно сериозна и алармантна информација која треба да ја крене на нозе државата и да го сврти вниманието кон системот кој не функционира и се плаќа со животи, рече Стојаноска.
„Ова е најсилен аргумент дека брзи избори ја движат државата кон изборна кланица, а не изборен и кредибилен демократски процес. До овде дојдовме затоа што Владата, Филипче и Заев глумеа нормализација, а новото нормално е 58 новозаразени и бројка која постојано расте. Здравјето на граѓаните мора да биде пред сечиј политички интерес, без оглед дали се работи за интересот на Заев или некој друг“,
рече Стојаноска.
