Молкот на СДСМ само може да ги зголеми сомнежите дека власта на СДСМ подготвува пазар со националните интереси особено во делот на историското значење на гоце Делчев во македонската револуционерна борба, велат од опозициската партија
ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повикаа пратениците од владејачкиот СДСМ да ја поддржат декларацијата што ја поднесоа во Собранието за заштита на ликот и делото на македонскиот револуцинер Гоце Делчев.
„СДСМ молчат за предлог Декларацијата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со која се афирмира заложбата за заштита на ликот и делото на македонскиот револуцинер Гоце Делчев. Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту експертите, ниту пошироката јавност не гледа ништо спорно во тоа да се констатира огромното, недвосмислено и широко прифатено значење на ликот и делото на Гоце Делчев во остварувањето на целите на народна епопеја за слобода и независност. Дополнително во година кога се прославува јубилеј 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, нема ништо спорно во тоа да има институционално и општествено вреднување на делото на Гоце Делчев“,
се вели во соопштението.
Од опозициската партија велат дека очекуваат како што се сплотува јавноста околу една ваква Декларација, така да има сплотеност ид од страна на политичките субјекти на власт, а молкот на СДСМ, според нив, само може да ги зголеми сомнежите дека власта на СДСМ подготвува пазар со националните интереси особено во делот на историското значење на гоце Делчев во македонската револуционерна борба, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев најави дека неговата партија ќе поднесе и декларација со која, како што рече, сакаат да добијат поддршка од сите политички партии, и парламентарни и вонпарламентарни, за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.