СДС да провери прво во своите редови пред да зборува за криминал и злоупотреба на финансиски средства, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од СДСМ дека новата в.д. директорка на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, била осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ)
Актуелното решение е во целосна координација со канцеларијата на Европската Унија, забелешките СДС нека ги сподели и со канцеларијата на ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата, како што се наведува во реакцијата, порачуваат „СДС прво да си го погледнат својот двор, полн со луѓе кои обавувале јавни функции, а речиси нема некој кој не бил поврзан со некаков сомнеж или сторен криминал“.
Од ВМРО-ДПМНЕ го посочуваат случајот со поранешната директорка на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, за злоупотреба на службената положба и проневера.
„Димова предизвикала штета на други средства во државата со кои управува Европската заедница во вкупен износ од околу 20 милиони денари, со коишто Димова направила две кривични дела. За конкретниот случај, таа беше и обвинета од страна на ОЈО ГОКК. Да потсетиме, тогашниот премиер Заев ја присили Димова да не ја поднесува пријавата за сторен криминал од 2,2 милиони евра, кои потоа Европската заедница си ги бараше назад. Овие пари завршиле кај исти луѓе и тендерите ги добиле исти две фирми поврзани со овие луѓе. Оваа мрежа имала своја логистика во Националната агенција, а првопријавеното лице и во кабинетот на премиерот, како близок пријател на еден од националните координатори во Владата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од СДСМ обвинија дека в. д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Како што посочи на прес-конференција потпретседателот на Социјалдемократската младина, Јовица Јанковиќ, назначувањето на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија. Тој нагласи дека сето ова се случува откако претходниот оглас за директор бил поништен, а причините останале мистерија.