ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека ДУИ и СДСМ, со помош на обвинителите и судиите постапувале незаконски

Не е тешко да се предвиди Ахмети. Не е тешко ни човек да се справи со него, само треба да има волја, да не е компромитиран и да има интегритет. СДСМ немаа.
Ова е дел од реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешниот говор на лидерот на ДУИ и предводник на Националната алијанса за интеграција на говорот на конвенцијата каде што се промовираа кандидатите за градоначалници и советници.
„Се сеќавате како Груби и Ахмети отидоа кај Заев и го „предомислија“ пред две години? Со што го предомислија? Епа, така функционира ДУИ и за тоа се врвни експерти. Се пофалија дека се обединиле, ама вистината е дека го седнаа Таравари во скут – дали заради паркингот на Клинички или заради нешто друго, тоа сите го знаат“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму, партијата што ја предводи Христијан Мицкоски, во партиската реакција посочува дека обвинителите и судиите соработувале со ДУИ и СДСМ.
„За тоа сте навистина експерти – за тендери и за седнување во скут. Таравари е со вас по иста причина како што и СДС не може да се тргне од вас – се држите едни со други во криминалот што заеднички го правите. Најголема маша ви се обвинителите и судиите“,
стои во реакцијата.
Оттаму му порачуваат на Ахмети:
„Не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените. Со проекти, со мерки, со реформи и со подобар живот. Албанците одамна имаат преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори – заедно со Македонците, сите сложно“.
Најголемата партија на власт од македонскиот блок потенцира дека откако ДУИ ќе загуби во речиси сите општини на локалните избори, очекува „врапчињата да носат писма со понуди за коалиција, со бланко отстапки и ветувања дека ќе се реформираат“.
„Наместо да оди во пензија, тој зборува за крв, оружје и орли. А секој пат кога ќе дојдат избори, Ахмети доживува необична трансформација. Тоа е неговиот Павлов рефлекс – на звукот на избори, автоматски следуваат закани, патетика и заплашувања. Освен што е патетично, сето ова е и смешно. Како не му е мака, искрено не знаeме“,
реагира ВМРО-ДПМНЕ