Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи го справувањето со ковид-кризата и состојбата во здравството воопшто, како најголем неуспех во првите сто дена работа на Владата.
„100 дена влада. 100 дена Филипче министер за здравство. 100 дена 1 400 починати од ковид, голем број од кои можеа да бидат спасени доколку системот што го менаџира Филипче беше функционален“,
се истакнува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, посочуваат дека не е реализиран ниту еден капитален проект поврзан со здравство, од ветените нови клинички центри кои ги најавија уште пред 4 години, од најавените 100 000 денари плата за докторите пред една година, нема вакцини за сезонски грип, недостасуваат лекови за ретките болести, а исто така го посочуваат и недостигот од лекари и друг медицински персонал.
„Македонија со Филипче како министер за здравство најлошо се справува со ковид во регионот. Имаме најголем број починати во регионот, а 7. сме во светот. Нема тестови, се чека и по 10 дена. Нема тераписки протоколи, се лечи на различен начин. Ако има, ќе треба да се набави пропишаната терапија, а бидејќи и таа ја нема, нема протоколи. Нема болнички капацитети, поделени за ковид-пациенти и чисти болници за останатите заболувања. Пациенти чекаат на ред со часови пред болници, примаат инфузии во дворот на клиниките, а други примаат инфузии до починати лица во иста соба. 100 дена влада, 100 дена дебакл во здравството“,
велат во ВМРО-ДПМНЕ.