Бранителот на Видевски, адвокатот Бојан Манев рече дека во притворското одделение во затворот „Скопје“ нема услови за лекување на неговиот клиент, кој има континуирана потреба од дијализа и континуиран лекарски третман што не може да му се обезбеди во затворот
Јавната седница што денеска требаше да се одржи во Апелацискиот суд Скопје по жалбите на странките на првостепената пресуда за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски се одложи поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Боре Видевски, кој се наоѓа на болничко лекување.

За неговата состојба информира неговиот бранител, адвокатот Бојан Манев, кој рече дека Видевски е хоспитализиран поради проблем со бубрегот откако пред два му се влошила состојбата во притворското одделение на затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари.
„Обвинетиот Боре Видевски денеска не беше во можност да присуствува заради тоа што неговата здравствена состојба е до толку влошена што тој пред два дена буквално се ‘изгубил’ во притворското одделение на затворот ‘Скопје’ поради неговите проблеми со бубрегот, бидејќи човекот живее со еден бубрег, кој му е дониран“,
изјави адвокатот.
Бранителот на Видевски рече дека во притворското одделение нема услови за лекување на неговиот клиент, кој има континуирана потреба од дијализа и континуиран лекарски третман што не може да му се обезбеди во затворот.
„Тој од месец август првпат е донесен на лекар на ден 17 март, каде што, според параметрите неговиот креатинин, за кој нормалните вредности се од 50 до 100, неговиот беше 600, додека пред два дена бил 850. Во такви услови неговата здравствена состојба буквално се влошила во притворското одделение и бил однесен на Клиниката за нефрологија при Клиничкиот центар во Скопје, каде што во моментов е на болничко лекување“,
рече Манев.
Тој најави дека ако неговиот Видевски не биде во можност да присуствува и на следниот закажан термин за одржување на јавната седница, ќе се обиде да обезбеди согласност од клиентот да го застапува без негово присуство.
Инаку, поради неможноста на Видевски да присуствува денеска и необезбедената согласност од страна на адвокатот, од притвор за денешната јавна седница не беа спроведени останатите обвинети во предметот.
Според адвокатот Манев, обезбедувањето согласност не е проблем, туку неможноста Видевски да добие соодветен медицински третман во затворот во Шуто Оризари.
„Јас ќе се обидам да обезбедам согласност, меѓутоа тука проблемот е системски бидејќи човекот доколку има соодветен болнички третман и има соодветно лекување, тој не би имал проблем да присуствува на рочиштето. Во моментов обвинетиот е во притвор, меѓутоа притвор е и ‘Шутка4, притвор е и болнички услови, притвор е и домашен притвор, за него е најбитно да добие соодветен болнички третман. Доколку го има, тој ќе присуствува, а за согласноста не е проблем, ќе ја обезбедиме и согласноста, меѓутоа проблемот е малку поголем од согласноста“,
рече адвокатот во изјава за медиумите.

Прашан дали со ваквите образложенија и констатации се обидува да издејствува неговиот клиент да добие куќен притвор, адвокатот кажа дека во какви услови да е, притворот е притвор, повторувајќи дека она што е важно е Видевски да ја добие потребната медицинска нега.
„Притворот е мерка за обезбедување присуство, притвор е притвор, и куќен да е, и болнички да е, во болнички услови, тоа е повторно притвор. Ние имаме институциите во оваа земја што можат да го контролираат куќниот притвор, а и притворот во болнички услови. Нека биде и во болнички услови, не е проблем. Неговото присуство секако може да биде обезбедено ако има соодветен болнички третман. Во вакви услови, во притворско одделение во „Шутка“ не може да има болнички третман“,
рече адвокатот.
Инаку, предметот за грабнувањата и убиствата кои кон крајот на 2023 година ја шокираа јавноста е во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство.
Од одбраната се жалат на висината на казните што Основниот кривичен суд Скопје им ги одреди на обвинетите во првостепената постапка, додека, Основното јавно обвинителство најави жалба на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и за второто дело на обвинетите.
Денешната расправа е одложена за 11 мај 2026 година.
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.
Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
