Владејачката коалиција директно не повика да се поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, како што тоа го направи за неколкумина други кандидати од коалициските партнери кои ќе одат во вториот круг
Со ваквата реакција, ВЛЕН, меѓу другото, се оградува од изјавата на коалицискиот партнер Билал Касами, кој пред неколку дена рече дека очекува заемна поддршка на ВЛЕН и ДУИ во општините каде што во вториот круг ќе има кандидат од еден од таборите на Албанците
Граѓаните на Кичево мора сами да пресудат. Ова денеска го порачаа од владејачката коалиција ВЛЕН во врска со вториот изборен круг во Кичево каде што финалната трка за градоначалничката функција ќе ја водат кандидатот на нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, и Фатмир Дехари кој е кандидат на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ.

„По објавата на компромитирачките материјали, побаравме повлекување на кандидатот на НАИ, Фатмир Дехари, од трката за да се заштити достоинството на процесот. Но, тој одлучи да продолжи, ставајќи го Кичево во нефер позиција и докажувајќи дека за оваа политичка каста, власта е последниот политички кислород. За ВЛЕН, јавниот морал не е предмет на преговори. Затоа, сега луѓето од Кичево мора сами да ја донесат пресудата“,
порачаа од ВЛЕН.
Владејачката коалиција директно не повика да се поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, како што тоа го направи за неколкумина други кандидати од коалициските партнери кои ќе одат во вториот круг.
Со ваквата реакција, ВЛЕН, меѓу другото, се оградува од изјавата на еден од партнерите во коалицијата, Билал Касами, кој пред неколку дена рече дека очекува заемна поддршка на ВЛЕН и ДУИ во општините каде што во вториот круг ќе има кандидат за градоначалник од еден од таборите на Албанците.
Денеска, пак, Касами во изјава за медиумите рече дека ставот за Кичево веќе го дала коалицијата ВЛЕН.
