„Со потсмев го гледаме обидот на Левица, партија позната по говор на омраза, анти-НАТО ставови и ултранационалистичка реторика да држи лекции за соживот и толеранција. Иронијата е очигледна, токму тие што ја трујат јавноста со поделби и политички примитивизам, денес зборуваат за шовинизам“, велат од владејачката коалиција
Во нашата кампања ниту еден кандидат не користел говор на омраза, туку зборувал за патишта, училишта, водовод, економски развој, за реалните проблеми на луѓето. Ова е денешната реакција од ВЛЕН откако од Левица обвинија дека кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од оваа коалиција, Хаќим Рамадани, дава изјави што предизвикуваат етнички тензии и шират национал-шовинизам.

„Со потсмев го гледаме обидот на Левица, партија позната по говор на омраза, анти НАТО ставови и ултранационалистичка реторика да држи лекции за соживот и толеранција. Иронијата е очигледна, токму тие што ја трујат јавноста со поделби и политички примитивизам, денес зборуваат за шовинизам“,
се вели во реакцијата на ВЛЕН.
Според коалицијата, вистинската иронија е што Демократската унија за интеграција (ДУИ), преку својот нов коалициски партнер – Левица, избра да се фати за партија анти-НАТО, доживувајќи ја како последна сламка за политички спас.
„Таа комбинација на очај и лицемерие веќе доби одговор на 19 октомври, кога граѓаните со јасна порака им ја покажаа вратата и на едните и на другите“,
пишува во соопштението од коалицијата.
Посочија дека секој обид да се стави ВЛЕН на исто рамниште со екстремистички партии е смешен уште од самиот почеток.
„Наместо да бараат внимание со лажен морализам, во Левица нека најдат храброст да побараат извинување за годините ширење омраза и поделби што им оставија трајни лузни на ова општество“,
велат оттаму.
Премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како голема грешка, пред сè за кандидатите за градоначалници од ВЛЕН, ја оцени изјавата на Хаќим Рамадани, кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница што доаѓа од истата коалиција.
Оваа негова изјава доаѓа откако денеска од Левица обвинија дека кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВЛЕН, Хаќим Рамадани, дава изјави што предизвикуваат етнички тензии и шират национал-шовинизам, а лидерот на владејачката партија, Мицкоски, молчи.
На прашањето дали изјавата на Хаќим Рамадани ќе влијае врз владината коалиција со ВЛЕН, Мицкоски рече тоа ќе влијае на неговата положба во иднина, односно дека по изборите ќе биде разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент.
