„Истрагата мора да оди до крајот на синџирот, со целосна контрола на одлуките, следење на имотот и конкретна одговорност, со имиња и презимиња“, велат од коалицијата коja е дел од власта
Коалицијата на партиите од албанскиот блок – ВЛЕН, која е дел од власта, смета дека одземањето на имунитетот и одредувањето куќен притвор на апелацискиот судија Ѓоко Ристов е важен чекор што треба да одговори на прашањето како конкретни судски одлуки довеле до „амнестии“ на моќни луѓе и кој кого штител во тој процес.

„Одлуката на Судскиот совет да му го одземе имунитетот на апелацискиот судија Ѓоко Ристов за привремено да го отстрани од функцијата и да му изрече мерка куќен притвор е важен чекор. Но, овој чекор не го затвора прашањето, напротив, го отвора уште повеќе затоа што кога ќе се открие дека кај апелациски судија има 350 илјади евра за кои има сомневање дека се нелегални пари, ова не е индивидуален скандал. Ова е лицето на заробената правда“,
се вели во соопштението од ВЛЕН.
Од коалицијата велат дека во случајот со судијата Ристов нема случајност, туку шема. Во овој контекст, тие го ставаат Ристов во корелација со неговиот поранешен колега, апелацискиот судија Енвер Беџети, кој беше ставен на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради „чување во фиока“ на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“.
„ВЛЕН потсетува дека Ристов, заедно со нон грата судијата Енвер Беџети, беа дел од одлуките што го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков, симболот на заробената држава. Во истиот контекст, Артан Груби, бегалец од правдата, исто така беше санкциониран нон грата. Тука нема случајност. Има шема. Има штит. Има чадор“,
велат од ВЛЕН.
Затоа, според нив, главното прашање не е само што ќе се случи со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, туку треба да се даде одговор на тоа кого штител судијата, а кој од друга страна го заштитувал него.
Според ВЛЕН, граѓаните имаат право да знаат во колку случаи судиите Ристов и Беџети дејствувале во колку од нив одлучувале за притвор, финансиски гаранции, одложувања или застарувања на предмети и кои конкретни одлуки довеле до ослободителни пресуди, бегство од одговорност или „тивки амнестии“ за моќни луѓе.
Оттаму порачуваат дека куќниот притвор на судијата Ристов не смее да се претвори во удобен одмор, додека системот продолжува со истото.
„Истрагата мора да оди до крајот на синџирот, со целосна контрола на одлуките, следење на имотот и конкретна одговорност, со имиња и презимиња“,
велат од ВЛЕН.
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов од вчеравечер е во куќен притвор откако при претрес на неговиот семеен дом во Неготино викендот, истражните органи пронајдоа 350 000 евра соѕидани во простор од ѕид, пари за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Решението на скопскиот Кривичен суд да му одреди куќен притвор и да му го одземе пасошот на Ристов, уследи откако претходно Судскиот совет на барање на судот на итна седница одлучи да му го одземе имунитетот на апелацискиот судија и да даде одобрение да му бидат одредени мерките за обезбедување присуство што ги предложи надлежното обвинителство.
Судијата Ѓоко Ристов, како што соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, се товари за кривичните дела – противправно стекнување и прикривање имот, според членот 359-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за перење пари и други приноси од казниво дело.
Од ОЈО ГОКК во неделата соопштија дека сомнежите се дека пронајдените пари се незаконски стекнати, а постапката која резултира со претресот во домот на Ристов е проширување на истрагата иницирана на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Повеќе детали во врска со истрагата против апелацискиот судија Ѓоко Ристов се очекува Обвинителството да соопшти на брифингот за новинарите закажан за денеска напладне.
