Пријавата ја поднесуваат откако, како што велат, Државниот завод за ревизија утврдил дека над 120 милиони денари се потрошени за Самитот на ОБСЕ што се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и тоа без документација и евиденција додека Османи беше министер за надворешни работи

Коалицијата ВЛЕН денеска до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе пријава против Бујар Османи, кој е кандидат за градоначалник на Општина Чаир поддржан од ДУИ.
Пријавата ја поднесуваат откако, како што велат, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека над 120 милиони денари се потрошени за Самитот на ОБСЕ што се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и тоа без документација и евиденција додека Османи беше министер за надворешни работи.
Гранит Османи од ВЛЕН, на прес-конференција пред Обвинителството, рече дека извештајот на ДЗР отвора сериозни сомнежи за злоупотреби на јавни пари.
„ВЛЕН денеска поднесува пријава до Јавното обвинителство за да се пристапи по негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за времето кога министер беше Бујар Османи. Ревизорите утврдија дека над 120 милиони денари се потрошени за ОБСЕ Самитот без документација и евиденција. Тоа отвора сериозни сомнежи за злоупотреби на јавни пари. Нема докази каде се потрошени пари. Јавното обвинителство мора да истражи. Ова не првпат. И како министер за здравство Османи доби негативен извештај, а институциите го амнестираа. Денес нема да дозволиме да го гледаме истото сценарио во кое судството и обвинителството молчат. Граѓаните заслужуваат отчетност и правда. ВЛЕН нема да молчи“,
изјави Гранит Османи од ВЛЕН.
ВЛЕН очекува Јавното обвинителство да отвори случај и да покаже дека, како што велат, истите правила важат за сите и дека сите граѓани се еднакви.
Претходно денеска, Бујар Османи изјави дека немало ревизија за Самитот на ОБСЕ, туку за спортскиот центар „Борис Трајковски“ во врска со тоа како тие ја прифатиле опремата. Османи смета дека обвинувањата се измислени. Нагласи дека неговиот најголем политички капитал е неговиот интегритет.