Сулејмани смета дека изјавите на Мемов се „уште еден обид да се привлече медиумско внимание два дена после изборите“ и не треба да се сфаќаат сериозно

Портпаролот на коалицијата ВЛЕН, Дритон Сулејмани, денеска ги отфрли критиките од Движењето ЗНАМ и нагласи дека ВЛЕН целосно го испочитувала коалицискиот договор за локалните избори.
Ставот на Сулејмани доаѓа по критиките од портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, кој преку социјалните мрежи ја обвини ВЛЕН дека не го поддржала кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Како што се договоривме, така и постапивме заеднички како владина коалиција на овие избори“,
рече Сулејмани.
Според него, ВЛЕН е втора политичка сила во државава и како таква веруваат дека нема потреба „да ја спуштаме дискусијата на такво ниво“.
Сулејмани смета дека изјавите на Мемов се „уште еден обид да се привлече медиумско внимание два дена после изборите“ и не треба да се сфаќаат сериозно.
Тој додаде дека не гледа никаков простор за проблеми во коалицијата бидејќи договореното е испочитувано.
Портпаролот на ЗНАМ и директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, вчера во објава на својот фејсбук-профил напиша дека ВЛЕН ја изиграле ВМРО-ДПМНЕ со тоа што не го поддржале Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје.
По оваа вчерашна објава на Мемов и денешните реакции, портпаролот ретерираше и рече дека ставот што го изнел бил лично негов, а не на партијата од која доаѓа.
Мемов признава дека неговата објава „предизвика внимание, но и негативни реакции“.
Тој вели дека постигнатиот изборен резултат е поради соработката во коалицијата.
