За разлика од ДУИ, која ја користи ЕУ само како параван, а во позадина ја хранеше корупцијата, ВЛЕН преку Планот за раст и Реформската агенда ја приближува државата до европските стандарди со конкретни реформи и инвестиции, велат од ВЛЕН
ДУИ се провидни и очајни од поразот што ги очекува на 19 октомври – со половина раководство на црни листи за висока корупција, тие излегуваат да зборуваат за вредностите на Европската Унија, реагираат од владејачката ВЛЕН на прес-конференцијата на Демократската унија за интеграција, од каде обвинија дека Владата ја блокира европската иднина на земјата.

„Уште поиронично, ДУИ притиснати од резултатот што ги очекува на локалните избори, се здружија со анти-НАТО и анти-ЕУ партијата на Апасиев во Гостивар, Тетово и Струга. А сега зборуваат за ЕУ! Ова е истата ДУИ што, и покрај отвореното противење од нашите стратешки партнери, го измени Кривичниот законик за да го простре црвениот тепих за враќањето на Никола Груевски и за да го ослободи од затвор Сашо Мијалков“,
велат од ВЛЕН.
Според ВЛЕН, ДУИ глуми загриженост за европскиот пат, затоа што корупцијата отсекогаш им била „секојдневна практика“.
„Кога Али Ахмети имал последна средба со релевантен меѓународен фактор? Дали добивте одговор на писмата што ги праќавте ’низ светот’? Зошто му дозволивте на градоначалникот на Липково да краде и да ги труе жителите со арсен? За разлика од ДУИ, која ја користи ЕУ само како параван, а во позадина ја хранеше корупцијата, ВЛЕН преку Планот за раст и Реформската агенда ја приближува државата до европските стандарди со конкретни реформи и инвестиции“,
додаваат од ВЛЕН.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција изрази загриженост за застојот во процесот на преговори за членство во Европската Унија. Според него, станува збор за блокирачки политики, неспособност и недостаток на искрена волја од актуелната влада, која, како што рече, дури ни во план не ги има уставните измени што би го деблокирале евроинтеграцискиот процес на земјата.
„ВРЕДИ излажа пред изборите кога тврдеше дека ‘нема влада без уставни измени‘. Повторно излажа кога вети дека за три месеци, потоа шест месеци, а подоцна и за една година – ќе се случат измените или ќе го преиспита учеството во владата. И да ги избркаат низ врата, тие се враќаат низ прозорец во владата што го донесе проектот ’Српски свет’ раширен во Македонија“,
рече Адеми.