Актуелниот кумановски градоначалник и претендент за трет мандат, објави фотографија од средбата со новиот градоначалник на Чаир од ВЛЕН, Изет Меџити, на која симболично си подаваат рака во знак на договорената поддршка во вториот изборен круг во Куманово
Кандидатот за градоначалник на Куманово од Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој се бори за трет мандат во оваа општина, објави дека добил поддршка од коалицискиот партнер ВЛЕН за вториот круг од изборите каде што ќе се соочи со независниот кандидат Горан Стојковски-Диро.

Димитриевски објави фотографија од средбата со новоизбраниот градоначалник на Чаир од ВЛЕН, Изет Меџити, на која симболично си подаваат рака во знак на договорената поддршка во вториот изборен круг во Куманово.
„Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, организациониот секретар на Алтернатива, Башким Муртези и пратеникот Даниел Стојчевски. Во топлиот и искрен разговор од претставниците на коалициониот партнер ВЛЕН добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Куманово, поддршка која ја отсликува мултиетничката и мултикултурната реалност на нашиот град, која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред во остварување на проекти во интерес на сите граѓани на Куманово“,,
објави Димитриевски и им се заблагодари на сите кои ја поддржуваат визијата за иднината на Куманово.
Претходно вчера, Меџити се сретна и со кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кому, исто така, му ја вети поддршката на ВЛЕН за вториот изборен круг.