Централниот штаб на ВЛЕН се состои од двесте припадници и 11 сектори. Младинскиот форум е дел од штабот, како и Форумот на жени, а ќе биде отворен посебен штаб за организирање на иселениците

Големите битки почнуваат од плоштадот, исто како што почнуваме вечерва на овој плоштад, ова е почетокот што ќе следи со отворање на други центри во секој град и населба каде што има Албанци. Ова е пораката што шефот на Централниот штаб на ВЛЕН, Аднан Азизи ја упати на отворањето на канцеларијата на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
На отворањето, покрај Азизи, присутни беа и сите лидери од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, Арбен Фетаи, Беким Ќоку, Биљал Касами и Зеќирија Ибрахими.
Беким Ќоку рече дека овој штаб ќе биде „местото за производство на енергија што ќе служи за победата на октомври“, истакнувајќи ги конкретните проекти на актуелната влада, како што се патот Тетово-Призрен и посветеноста на регионалната соработка со Албанија и Косово.
Изет Меџити, вицепремиер и претседател на Демократското движење, кажа дека коалицијата има ангажирано професионални агенции коишто работат на анкетирање и оти сакаат да ги дадат најдобрите и најуспешните кандидати. Особено важно за нив, како што рече, е размислувањето на народот и гласачите и затоа не се брзаат да ги објават имињата на кандидатите. ВЛЕН, според Меџити, се отворени и за кандидати кои се надвор од партиските структури.
„Може да дојдат од бизнис заедницата, каде има врвни интелектуалци, реализирани луѓе кои ќе бидат дополнителна вредност на ВЛЕН на овие локални избори. Ова се локални избори и главен критериум е да бидат добри менаџери кои ќе сработат во интерес на граѓаните“,
рече Меџити.

ВЛЕН за овие избори нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, но може да се очекува како владини партнери тие да се поддржат некаде во вториот круг од изборите.
Меџити во обраќањето наброја, според него, повеќе постигнувања што оваа година ги направила коалицијата ВЛЕН, а што претходно не биле направени од претходната власт од ДУИ и СДСМ. Ги спомена законот за Медресата Иса Бег кој веќе е на ЕНЕР, затворањето на онлајн казината… посочувајќи дека тие не работат само на зборови туку систематски.
Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека ВЛЕН постигнала повеќе за една година, отколку ДУИ за 22 години.
„Нека ни ја покажат својата најдобра година за вработување, не може да го победи она што го правиме сега. Затвораме казина, создаваме работни места и ја регулираме правдата“,
рече Меџити.
Според вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, нагласи дека октомвриските избори се битка за иднината.
„Албанците обединети против криминалот и корупцијата. ВЛЕН е антитеза на оние што тргуваат со општини како во чаршија“,
рече тој.
Фетаи говореше и за поделбата во Алијанса за Албанците, партијата од која тој беше назначен за вицепремиер, а што сега веќе има три крила.
„Двете Aлијанси се рака под рака во скутот на Али, ние сме тука да ставиме крај на овој анти-вредносен систем“,
рече тој.
Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами, потсетувајќи на, како што рече, успесите на општината што ја води, додаде дека се потребни способни менаџери, а не партиски марионети.
Касами рече дека ВЛЕН ќе понуди нов модел на раководење на општините односно дека нема да понудат кандидати за градоначалници на црните листи туку ќе понудат имиња што ќе бидат во служба на граѓаните.
„Затоа ги повикувам сите наши активисти да се мобилизираат за тоа што овие избори се да изберат градоначалници кои ќе бидат во нивна служба, а не градоначалници кои ќе ја злоупотребат нивната позиција за да се збогатат“,
рече Касами.

Според него, победата што ќе ја оствари ВЛЕН не е за политичарите, туку за граѓаните.
Зеќирија Ибрахими побара поддршка за промената од централно ниво да се пренесе и на општините. Тој рече дека албанското семејство заслужува повеќе.
„Ако немате причина да гласате за ВЛЕН, имајте едно на ум, ние сме единствените што ќе го заштитиме традиционалното албанско семејство, неговото достоинство, иднината на нашите деца“,
рече Ибрахими, додавајќи дека изборите се референдум за прашањето „Дали сте за управување со општините од страна на ВЛЕН, или за враќање на криминалот на ‘Соравија’?“.
Централниот штаб на ВЛЕН се состои од двесте припадници и 11 сектори. Младинскиот форум е дел од штабот, како и Форумот на жени, а ќе биде отворен посебен штаб за организирање на иселениците.
„Не само да дојдете и да гласате туку и да дојдете и да гласате за вашата иднина да биде тука“,
рече Азизи.
Негов заменик ќе биде координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку.