Владејачката коалиција обвини дека за време на владеењето на ДУИ, Охридскиот договор бил користен како алатка за тендери, богатење и криење зад, како што велат, измислени анализи секогаш кога нивните неуспеси станувале очигледни
Наместо да го претвори Охридскиот договор во реалност, ДУИ го користеше како изборен банер и банкомат за лично богатење – обвини ВЛЕН во контекст на одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на договорот. Коалицијата на владејачките партии на Албанците порача дека 24 години подоцна, сенката на нецелосната имплементација на, како што велат, најважниот документ за рамноправност на Албанците во Северна Македонија, продолжува да ги оптоварува државните институции.

Оттаму обвинија дека за време на владеењето на ДУИ, Охридскиот договор бил користен како алатка за тендери, богатење и криење зад, како што велат, измислени анализи секогаш кога нивните неуспеси станувале очигледни.
„Фактите зборуваат сами за себе. Во 2013 година, тогашниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот договор објавил тендер од 6 милиони денари за ‘анализа’ на спроведувањето на рамковниот договор. Победник, според информациите, беше компанијата ‘ТАГ Комуникации’, во сопственост на лице блиско со ДУИ и по својата позиција во државните структури контролирани од оваа партија!“,
велат од ВЛЕН.
Од владејачката коалиција додаваат дека се решени целосно да ги спроведат одредбите од Охридскиот договор во секојдневниот живот на секој Албанец во државата. Како пример го посочуваат усвојувањето на Законот за правична и соодветна застапеност, што уследи по укинувањето на балансерот – алатка за правична и соодветна застапеност на етничките заедници при вработувањето во јавната администрација.
„Законот е голема политичка победа, епохална пресвртница во институционалната еднаквост, правна гаранција што става крај на 20-годишната неправда. Овој закон не е само член во службен тефтер, тој е печат на нова ера за Албанците, тоа е сигурност дека нашиот глас никогаш повеќе нема да биде игнориран во нашата земја“,
додаваат од ВЛЕН.