На објавени снимки од протестите, според извештаите на светските медиуми, може да се слушне како демонстрантите повикуваат на соборување на врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и враќање на власт на Реза Пахлави, протераниот син на починатиот поранешен шах, кој ги повика своите поддржувачи да излезат на улиците
Од друга страна, според иранските државни медиуми, протестите кои се одржале синоќа биле со мал обем, а во дел од извештаите придружени со видеа од празни улици, се наведува дека демонстрации воопшто не се ни одржале
Големи толпи демонстранти вчера маршираа низ главниот град на Иран, Техеран, во, како што пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на видеа објавени на социјалните мрежи, најголемите протести на противниците на политичкиот естаблишмент во земјата во последните неколку години.

Редакцијата на Би-би-си Персија ја потврдила веродостојноста на снимките од протестите кои се одржале во Техеран и во вториот по големина град во Иран, Машхад, а за време на кои не била забележана интервенција на иранските безбедносни сили.
Сепак, како што објави група што ги следи случувањата во Иран, пристапот до интернет бил блокиран низ целата земја.
На објавени снимки од протестите, според извештаите на светските медиуми, може да се слушне како демонстрантите повикуваат на соборување на врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и враќање на власт на Реза Пахлави, протераниот син на починатиот поранешен шах, кој ги повика своите поддржувачи да излезат на улиците.
Според групите за човекови права, вчерашниот протест е 12. по ред излив на незадоволство на улиците на земјава од страна на граѓани кои демонстрираат поради падот на иранската валута и тешката економска состојба во земјата.
Протестите се прошириле во повеќе од 100 градови и места, низ сите 31 иранска провинција.
Агенцијата за човекови права ХРАНА (HRANA) со седиште во Соединетите Американски Држави соопшти дека најмалку 34 демонстранти, меѓу кои и пет деца, како и осум припадници на безбедносните сили се убиени во досегашните протести, додека 2 270 други демонстранти се уапсени.
Норвешкиот мониторинг центар за човекови права ИХР (IHR) соопшти дека најмалку 45 демонстранти, вклучувајќи и осум деца, се убиени од безбедносните сили на Иран,
Редакцијата на Би-би-си Персија ги потврдила смртните случаи и идентитетот на 22 лица, додека иранските власти јавија дека во протестите се убиени шест припадници на силите за безбедност на земјата.
Видеа објави вчера вечер, а чија веродостојност била потврдена од британскиот национален радиодифузер, прикажуваат голема толпа демонстранти како се движи по главниот пар во градот Машхад, на североистокот од земјата.
Според наводите, меѓу луѓето можат да се слушнат скандирања „Да живее шахот“ и „Ова е последната битка! Пахлави ќе се врати“. На снимките се гледа и како во еден момент неколкумина мажи се качуваат на надвозник и ги отстрануваат, според она што се гледа, надзорните камери поставени на него.
Друго видео објавено на интернет прикажува како голема толпа се движи по главниот пат во источниот дел на Техеран.
Дополнителни снимки ги прикажуваат демонстрациите во градовите Исфахан, Бабол и Тебриз, каде што дел од демонстрантите извикуваат „Смрт на диктаторот“, алудирајќи на ајатолахот Хамнеи, „Да живее шахот“ и „Не плашете сè, сите сме заедно“.
Една од снимките испратени до Би-би-си Персија прикажува како за време на протестите во градот Дезфул, на западот на земјата, се појавуваат припадници на безбедносните сили и отвораат оган од централниот плоштад.
Синоќешните протести доаѓаат откако неодамна Реза Пахлави, чиј татко беше соборен за време на Исламската револуција во 1979 година и живее во Вашингтон, ги повика Иранците „да излезат на улиците и, како обединет фронт, да ги изложат своите барања“.
Во објава на социјалната платформа Икс, Пахлави наведе дека милиони Иранци вечерва бараа слобода, опишувајќи ги демонстрантите како негови „храбри сонародници“.
Тој му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп затоа што го повикал „режимот во Иран на одговорност“ и упати апел до европските лидери да го сторат истото.

Од друга страна, според иранските државни медиуми, протестите кои се одржале синоќа биле со мал обем, а во дел од извештаите придружени со видеа од празни улици, се наведува дека демонстрации воопшто не се ни одржале.
Во меѓувреме, организацијата што ја надгледува кибербезбедноста и управувањето на интернет, соопшти дека нејзините податоци покажуваат прекин на интернетот во Иран на национално ниво.
Инаку, вчера американскиот претседател Доналд Трамп ги повтори своите закани дека ќе интервенира со воени средства доколку иранските власти почнат со убивање демонстранти.
„Им дадов до знаење дека ако почнат да убиваат луѓе, што имаат тенденција да го прават за време на протестите, а тие имаат многу протести, ако го сторат тоа, ќе ги удриме многу силно“,
рече Трамп во гостување во шоуто на Хју Хјуит.
Во меѓувреме, американскиот секретар за финансии, Скот Бесент говорејќи го Економскиот клуб во Минесота вчера, изјави дека иранската економија се држи на конец и дека ситуацијата во земјата е тензична.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно ги повика безбедносните сили да покажат крајна воздржаност при справување со мирни протести.
„Треба да се избегнува какво било насилно или принудно однесување“,
се наведува во соопштението од неговиот кабинет.
Врховниот верски лидер на земјата, ајатолахот Али Ахмени, во саботата изјави дека властите во Иран треба да „разговараат со демонстрантите“, но дека бунтовниците треба да бидат ставени на свое место.
Протестите во Иран започнаа на 28 декември минатата година, кога сопствениците на продавници излегоа на улиците на Техеран за да го изразат својот гнев поради наглиот пад на вредноста на иранската валута, ријалот, во однос на американскиот долар.
