Според него, спиновите и лагите со кои се служи премиерот и ВМРО-ДПМНЕ се резултат на една целосна безидејност што друго да направат, како и дека немаат што да прикажат, немаат сериозен проект и како алиби го кажуваат тоа дека за некои работи се потребни децении
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче денеска на прес-конференција рече дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се служат со спинови и лаги, па спомнуваат куфери со пари, разни предавства и поделба на граѓани, во обид да ја сокријат неспособноста да испорачаат вистински резултати за народот.

„Спиновите и лагите со кои се служи премиерот и ВМРО-ДПМНЕ се резултат на една целосна безидејност што друго да направат. Немаат што да прикажат, немаат сериозен проект и се вадат и како алиби го кажуваат тоа дека за некои работи се потребни децении. Соочени се со тоа што ние го кажуваме што се сме направиле во нашиот мандат за само година или две’’,
кажа тој.
Според него, власта нема ниту капацитет, ниту волја, ниру визија како да ја води државата напред.
„Ако ние сме можеле за две години да ги зголемиме платите на лекарите, да почне зголемувањето на минималната плата, која до крајот на мандатот е дуплирана. Социјалната помош ја зголемивме, за две години ги решивме 30-годишните прашања на стечајците. Тогаш зошто ВМРО-ДПМНе бара алиби за тоа дека за некои работи се потребни децении. Тоа не е вистината“,
рече Филипче.
И тоа, како што вели, не е нешто ново, туку ваквото нивно однесување го прават во континуитет и им станало веќе постојана пракса.
„Тие, како и лани и сега ја тераат кампањата. Ама сега водат држава, имаат одговорности, мора да покажат резултати. Граѓаните гледаат дека нема никаква испорака, се намалуваат платите, се скаратија пензиите, а просечната плата паѓа трет месец по ред“
вели лидерот на опозицијата.
СДСМ, додава Филипче, остави функционален и правичен систем за покажување на пензиите, кој власта го укина и ги оштети пензионерите.
„Наместо 1000 денари зголемување, требаше да имаат 2000 денари, согласно нашиот систем за зголемување на пензиите со методологијата. Тие се одлучија за линеарно зголемување и сега парите се скаратија. Предупредивме дека така ќе биде“,
рече тој.
Упати и критика за неконтролираниот раст на цените и неактивноста на Владата во тој дел.
„Цените се надвор од контрола. Никој не ги контролира цените во маркетите. Владта има механизам тоа да го направи. Ниту една добра мерка што ја предложивме не ја поддржаа. В таква ситуација бараат предавници, го далат народот, а државата стагнира. Какви се тие бугарски куфери“,
прашува лидерот на СДСМ.
Според него, во предложената декларација од нивна страна посочи дека исти такви т.н. црвени линии има и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „1198“, па народот да каже народот што е различно од тоа што тие го предлагаат.
„Во програмата ‘1198‘ на страна 153 пишува дека македонскиот идентитет, јазик, посебност, култура, обичај, традиција и херои не смеат да бидат дел од какво било политички преговори. Секој обид за отварање на дискусија за билатерални и мултилатерални прашања на политички план околу идентитетски прашања и карактеристики на македонскиот народ ја оспорува македонската самобитност и единственост. Што е разликата. Се тоа што го кажувате е само еден спин. Само алиби да не се продолжат преговорите, да не се направи мерка во интерес на граѓаните. Така не се води држава“,
рече Филипче.
Филипче не сакаше да ја коментира денешната изјава на поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, во која остро и категорично ги негира тврдењата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводните „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“.
Кусо одговори дека Заев реагирал за тоа што е повикан.
Изминатиот викенд Мицкоски во дел од своите обраќања на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ, говорејќи за резолуцијата со „црвените линии“ што ја предложи актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се сеќава на времето кога „поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“.